Јаневска, на крајот на септември 2011 година, поднесе оставка од претседателка на Државната пописна комисија, ден пред да стартува тогашниот попис
Весна Јаневска од ВМРО-ДПМНЕ, која пред една деценија беше прва претседателка на Државната пописна комисија која требаше да го спроведе пописот (кој пропадна) во 2011 година, смета дека претстојната статистичка операција нема да ја отслика реалната состојба.
„Пописот треба да биде соодветен на реалноста. Ако имаме можност да споредуваме податоци од различни дата бази, за што се залагам, тогаш немаме потреба да правиме физички попис, овој хибрид кој не ми е јасно зошто се случува навистина буди сомнеж. Секој треба да се праша дали во една земја како Македонија, со Рамковен договор, не постои попис во политичка конотација. Земја која има уставни измени, земја во која има Министерство за политички систем и каде се лицитира со проценти, нема ли елементи од некаква политика во тој попис“,
забележа Јаневска во гостување на Сител.
Јаневска, на крајот на септември 2011 година, поднесе оставка од претседателка на Државната пописна комисија, ден пред да стартува тогашниот попис – на 1 октомври. Таа рече тогаш дека нејзиниот потег е изнуден од колегите од помалите етнички заедници во Комисијата, за кои изнесе сомневања дека подготвуваат пописен фалсификат.
Ден претходно, оставка поднесоа Абдулменаф Беџети, кој беше потпретседател на Државната пописна комисија и уште неколку членови.
За нова претседателка на комисијата експресно беше именувана Слободанка Гиевска, со што пописот почна, но беше прекинат на десеттиот ден.
Претстојниот попис треба да почне на 1 април, откако минатата седмица Собранието го донесе Законот за попис, за кој не гласаше ВМРО-ДПМНЕ, која претходно поднесе повеќе амандмани што не беа прифатени. Еден од предлозите на опозицијата беше и за овој попис да се формира државна пописна комисија.