Северна Македонија е значајна инвестициска дестинација за нас, каде што ЕБОР има водечка сума на инвестиции, порача Рено-Басо пред посетата
На 22 и 23 јули претседателката на Европската банка за обнова и развој Одил Рено-Басо ќе ја посети Северна Македонија. Од канцеларијата на ЕБОР најавија дека таа ќе се сретне со владини претставници, клиенти, претставници од бизнис-секторот и од граѓанскиот сектор.
„Со задоволство ја очекувам втората посета на Северна Македонија. Северна Македонија е значајна инвестициска дестинација за нас, каде што ЕБОР има водечка сума на инвестиции,”
се наведува во соопштението од ЕБОР.

Претходно Рено-Басо ја посети земјава во мај, а, како што се наведува во соопштението, ЕБОР е главна институција во Северна Македонија во однос на инвестициите во земјата. До денес, Банката има инвестирано 2,9 милијарди евра во 190 проекти во целата земја.

Пред околу еден месец, на Конференцијата за обнова на Украина во Берлин, средба со претседателката на Европската банка за обнова и развој имаше и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова. Но од кабинетот тогаш известија дека таа се сретнала со Барбара Рамбусек, директорка за родова и економска инклузија во ЕБОР.
Подоцна, откако ја увидоа грешката, ги коригираа објавите на официјалните профили, социјалните мрежи и во соопштението испратено до медиумите.