Реакцијата ја пренесе поранешната претседателка на ДКСК, Билјана Ивановска, во име на целиот претходен состав на ДКСК. Повод е денешното соопштение во кое актуелниот состав на Антикорупциска, под притисок на јавноста бидејќи бараат дипломатски пасоши и службени возила, кажа дека возењето со велосипеди или одењето на работа со автобус било популизам. Претходниот состав на ДКСК немаше ниту дипломатски пасоши ниту службени возила
Почетокот на целата дебата, пак, почна со интерјуто на актуелната претседателка на ДКСК, Татјана Димитровска, која во интервју за ТВ24 кажа дека барале дипломатски пасоши што според неа им следувале и дека не барале никакви возила. „360 степени“ вчера објави дека, според МНР, дипломатски пасоши не им следуваат, но и дека барале возила во два наврати од Агенцијата за управување со одземен имот, а позајмувале и од СОЗР
Навреда до секој совесен функционер е денешното соопштение на Државната комисија за спречување на корупцијата, им порачаа претходните антикорупционери на сегашните. Поводот за ваквата реакција е што актуелниот тим предводен од Татјана Димитровска претпладнево објави соопштение во кое го нарече популизам возењето велосипеди или одењето на работа со автобус. Сите детали од тоа соопштение прочитајте ги на линкот подолу.
Формулацијата беше обид на актуелните антикорупционери да се одбранат од јавните критики дека барале дипломатски пасоши набрзо откако дошле на функција, а институцијата барала и службено возило или возила.
Претходните им порачуваат, немавме ниту возила ниту дипломатски пасоши, па никаде не задоцнивме.

„Тоа што немавме дипломатски пасоши и службени автомобили ниеднаш не нѐ спречи навреме да стигнеме и активно да учествуваме на сите сесии од скринингот со ЕК во Брисел. Изненадува констатацијата дека одењето пешки, возењeто велосипед или користењето јавен превоз е чист популизам. По кој основ или критериум оваа наша навика што ја практикуваме и пред и по мандатот е оценета како популизам? Ова е навреда за сите совесни функционери кои се однесуваат домаќински со народните пари и за сите совесни граѓани кои почитуваат европски вредности и се грижат за животната средина“,
е дел од ставот на претходниот состав на ДКСК, што на Фејсбук го пренесе поранешната претседателка на телото, Билјана Ивановска.
Актуелниот состав на ДКСК, бранејќи се од критиките, го нападна и претходниот состав дека работел на ниско ниво, за што како доказ го посочија малиот број прифатени иницијативи од Јавното обвинителство. Сега, претходниците возвраќаат дека нивната работа била позитивно оценувана, особено од Европската комисија.
„Обврска на медиумите е да го следат работењето на институциите и на функционерите и за тоа навремено и целосно да ја известуваат јавноста. Како поранешни членови немаме никакво влијание ниту врз работењето на Комисијата ниту врз работењето на медиумите. Извештаите за работењето на претходниот состав на ДЛСК, како и извештаите на Европската комисија и другите меѓународни организации и тела, го прикажуваат, односно го оценуваат работењето на Комисијата во нашиот мандат“,
стои во објавата на Ивановска.

Денешната ескалација го имаше својот почеток во средата, кога претседателката на ДКСК, Татјана Димитровска, гостуваше на ТВ24. Прво доби прашање дали е точно дека барале службени автомобили, на што децидно одговори не. На следните прашања призна дека барале дипломатски пасош, дека тоа им следувало по закон и дека засега добила само таа. Барањето за дипломатски пасош наиде на критики во дел од медиумите во четвртокот и петокот. Некои медиуми побараа и добија мислење од претходната претседателка на ДКСК, Билјана Ивановска, која кажа дека тие уште од старт се ослободиле од сите возила и дека плаќале за транспорт на членвите само во висина на автобуска карта.

Синоќа, по неколкудневно собирање на информации, „360 степени“ објави дека тврдењата на претседателката во интервјуто не се баш точни. Од МНР ни одговорија дека на членовите на ДКСК не им следуваат дипломатски пасоши што е спротивно на толкувањето на првата Антикорупционерка. Додадоа дека нејзиниот дипломатски пасош го одобрил претходниот министер Бујар Османи, по негова проценка.

За возилата, пренесовме официјални ставови од Владата и од Агенцијата за управување со одземен имот. Од Агенцијата ни кажаа дека ДКСК два пати барале возила од кај нив. Првиот пат барале едно возило, но откако дошле и не им се допаднало ништо од тоа што го виделе, најавиле дека ќе чекаат нови заплени. Кога се обратиле по втор пат, Агенцијата не можела да им излезе во пресрет бидејќи нема функционален Управен одбор.
Целата сторија подолу: