Трифонов сега најавува дека ќе предложи нов премиер и министри откако сите политички фактори во Бугарија одбија соработка со него
Партијата на Трифонов, „Има таков народ“, освои 67 пратеници на изборите. Бугарското Народно собрание брои 240 члена. За избор на влада се потребни 50% + 1 глас од присутните што значи дека се потребни 121 глас за избор на влада ако сите пратеници се присутни во салата
Лидерот на победничката партија на изборите во Бугарија, Слави Трифонов, попладнево направи изненадувачки чекор кој ја враќа надежта дека сепак е можно формирање на влада по вторите парламентарни избори во земјата за само четири месеци. Шефот на „Има таков народ“ едноставно ја повлече сопствената одлука поради која сите парламентарни политички партии деновиве изјавија дека немаат намера да преговараат или да коалицираат со него.
Го повлече предлогот за премиер и влада, составен без никакви консултации со неговите потенцијални коалициони партнери, кој патем беше објавен само на Фејсбук.
„Ден по изборите, предложив кабинет сочинет само од високообразовани професионалци и со јасни приоритети. Го предложив економистот Николај Василев, човек со искуство во политиката, државната администрација и реалниот бизнис, за премиер. За само три дена, врз него се истури огромна помија. Се покажа дека никакво значење колку се образовани предлог-министрите, колку добри специјалисти се, колку јасни приоритети има пред нив“
ја брани Слави Трифонов својата одлука, на Фејсбук.
Трифонов и претходно аргументираше дека предложил кабинет од високообразовани кадри, „школувани во странство и што зборуваат странски јазици“, со цел таквата влада да биде повеќе експертска отколку политичка. Според неговото разбирање на политиката, целта беше да има влада која нема мнозинска поддршка во Народното собрание, со цел пратениците да се вистинска контрола на Владата, а не целата политичка моќ во земјата да биде во рацете на премиерот.
Дали Трифонов ретарира само од предложените имиња или од целиот концепт, засега е нејасно. Сепак, од неговото објаснување на Фејсбук, се чини дека остава простор за преговори со другите партнери бидејќи за него било најважно да се „избрише моделот на ГЕРБ“ (партијата на Бојко Борисов).
„И покрај тоа, јас разбирам дека на државата не и треба нестабилност и нови избори. За мене не е толку важно какви лаги изрекоа некои од партиите кои не се од „статус-квото“. За мене е многу поважно да се „избрише“ моделот на ГЕРБ од јавниот и политичкиот живот во земјата. Затоа што тоа е главниот непријател на државноста и демократијата. Јас го разбирам тоа, за разлика од некои други. Затоа решив да ја повлечам кандидатурата на еден достоен човек како Николај Василев, затоа што никој не е поважен од проблемите пред нас, како општество. Ние, како партијата која победи на последните избори, ќе предложиме сосема нов премиер и ревидиран состав на министри. И затоа што верувам дека се треба да се случува јавно, пред вас, утре во БТА (Бугарска телеграфска агенција), точно во 13:00 часот, дел од политичкото раководство на „Има таков народ“, заедно со го г. Николај Василев, ќе одржат конференција за печатот, на кој ќе одговорат на прашањата на сите новинари. Силата е во вистината“,
напиша Трифонов на Фејсбук.
Меѓу тоа што Трифонов го нарекува „помија“ против Николај Василев, се и новинарски текстови во кои се тврди дека несудениот кандидат за премиер има „темно“ минато. Интернет-порталот за истражувачко новинарство „Бивол“, кој важи и за бугарска варијанта на Викиликс, лиферуваше интригантни документи, според кои, токму Николај Василев има матни зделки, односно управува со фондови на Државната безбедност и на агентот Румјанцев, кој е всушност банкарот Атанас Тилев, некогашен сопственик на Банката за земјоделски кредити, која пропаднала во 1997 година.
Оттаму велат дека ова се само основни документи, а многу скоро на јавноста ќе и презентираат целосна слика за тоа што всушност се случува зад кулисите. Тие тврдат дека ќе откријат кој од „фрижидер за длабоко замрзнување“ сака повторно да ја изнесе и преформатира на политичката сцена ПГУ-агентурата на комунистичката тајна полиција и планира конечно и потполно да завладее со Бугарија.