Доцентот по уставно право на Правниот факултет „Јустинијан Први“, Денис Прешова, вели дека Уставот не дозволува лице со армиски чин да биде избрано за министер за внатрешни работи. Ставот на Прешова доаѓа по информациите дека ВМРО-ДПМНЕ го предлага Драган Ковачки, полковник во Армијата, за министер за внатрешни работи во Владата за спроведување на изборите.
„Според првичниот увид во биографијата на наведениот кандидат, може да се заклучи дека тој не го исполнува уставниот услов – најмалку три години да бил цивил пред да биде предложен за министер за внатрешни работи. Во ваков случај Уставот е јасен“, вели Прешова, прашан од „360 степени“ за став за актуелната дилема.

Прешова потсетува дека оваа уставна одредба и во минатото била предмет на јавен интерес и дебати, особено при изборот на Павле Трајанов, Сиљан Аврамовски и Митко Чавков за министри за внатрешни работи.
„Од досегашната пракса немаме јасен критериум, особено во рамките на МВР, за тоа кој се смета за цивил. Дали тука ќе биде пресудна униформата, чинот, односно звањето или позицијата или, пак, карактерот на овластувањата. Токму поради ова отсуство на јасен и објективен критериум, опортунистички се пристапува кон толкување и дефинирање на поимот цивил. Одново претходно нерасчистени правни прашања ни создаваат проблеми“, вели Прешова, според кого, сепак, „евентуално постапување спротивно на правото во минатото не треба да биде оправдување за ново кршење на правото“.