Техничкиот премиер Оливер Спасовски ја повика Државната изборна комисија (ДИК) да излезе и да ги соопшти резултатите од изборите, кои ги оцени како здравствено-безбедни, мирни, фер и демократски.
„Граѓанската волја мора да биде час поскоро преточена во формирање нови легитимни институции, пред сè функционално Собрание и нова влада. Очекувам од ДИК да дадат придонес во тој процес. Граѓани ги очекуваат официјалните резултати од изборите и ДИК е должна да излезе на прес-конференција и да ги соопшти“,
рече Спасовски.
Премиерот излезе со висока оцена за изборите порачувајќи дека тие ќе останат запишани во историјата.
„Нашата држава покажа дека е заслужено членка на НАТО и пред почеток на преговори со ЕУ. Како народ и држава покажавме европски вредности на дело. Организиравме здравствено безбедни, мирни, фер и демократски избори. Парламентарните избори 2020 ќе влезат во демократската меморија, преку нив кои покажавме како се сака својата земја, како се чуваат постигнувањата, како се чуваат аргументите за европска интеграција на земјата“,
рече Спасовски.
Техничката влада, рече тој, ќе продолжи да работи со несмалено темпо, а за техничките министри порача дека законот е јасен и нивните функции престануваат со денот на објавување на конечните резултати.
Спасовски вели и дека оваа влада била формирана за спроведување на изборите, но е горд на изминатиот период кога ја водеше бидејќи успешно одговориле на најголемите предизвици кои се исправиле пред неа.
„Јас сум горд што предводен влада која даде одговор на сите прашања, успешно да се справиме со здравствената и економска криза, да имаме добри мерки и навистина таквото функционирање ќе продолжи и сега. Додека не се формира новата влада оваа Влада ќе функционира со несмалено темпо. Очекувам дека набрзо ќе имаме конечни изборни резултати и ќе започне процесот на конституирање на институциите“,
рече Спасовски.
Тој не сакаше да зборува во детали дали СДСМ сега ќе коалицира со ДУИ и кратко порача дека тоа е прашање на политички проценки и договарања и оти сè што е добро за државата треба да се направи.