Коментирајќи го извештајот на „Транспаренси интерешнл“ за Индексот на перцепција на корупцијата за 2020, премиерот Зоран Заев вели дека не се согласува со тоа дека земјава е уназадена во делот на борбата против корупцијата.
„Ова што излезе од ’Tранспраени интернешнл‘, нема да нè обесхрабри. Јас имам свои впечатоци за анализите и дефинитивно не можам да се согласам дека Република Северна Македонија е уназадена во делот на борбата против криминалот и корупцијата на целата оваа слобода, транспарентност, на целата оваа одговорност и на целото ова постапување во делот на увидувањето, дури и на индиции за можен судир на интереси, корупција или слично“,
вели Заев.
Тој вели дека тука контрапрашање би требало да биде како било во време на режимот, дали е подобрено во споредба со тогаш или не.
„Тоа не значи дека треба да бидеме задоволни, треба да работиме многу посилно. Иако деталите сериозно ги анализирав и видов од каде доаѓаат, кој ги давал анкетните прашања и како е одговорено. Каков и да е мојот став, пораката мора да биде уште позасилено, поотворено и порешително да се бориме со ова зло кое е присутно секаде во светот, така и во РСМ затоа што од успешноста зависат сите сегменти на нашето живеење“,
изјави премиерот.
Според извештајот на „Транспаренси интернешнл“ објавен пред околу две недели, Северна Македонија го дели 111-тото место на рангирањето за Индексот на перцепција на корупцијата за 2020 година на „Транспаренси интернешнл“ заедно со БиХ, Монголија и Панама, што е најлошо рангирање од 2001 година откога земјава првпат беше ставена на ранг-листата.
Во однос на рангирањето од 2019 година, бележиме пад од пет места, иако имаме ист број индексни поени, додека БиХ бележи пад од седум места, со што двете земји се најлошо рангирани во регионот на Западен Балкан.