„Сакам да ја повикам собраниската Комисија конечно да седне и да заседава за овој случај („Онишченко“) и исто така МВР треба што побрзо да ја заврши истрагата во однос на тоа како се случи затворена седница на парламентарна Комисија да биде пренесувана во живо“, рече премиерот Димитар Ковачевски
Премиерот Димитар Ковачевски денеска ја повика собраниската Комисија за надзор на работата над Агенцијата за национална безбедност (АНБ) конечно да заседава за случајот „Онишченко“, а Министерството за внатрешни работи што побрзо да ја заврши истрагата во однос на тоа како се случи затворена седница на парламентарна Комисија да биде пренесувана во живо.
„Сакам да ја повикам собраниската Комисија конечно да седне и да заседава за овој случај бидејќи гледам дека има еден обид којшто беше за мене прилично лошо организиран и исто така МВР треба што побрзо да ја заврши истрагата во однос на тоа како се случи затворена седница на парламентарна Комисија да биде пренесувана во живо. Меѓутоа за се тоа што се однесува на Собранието јас навистина не можам да сугерирам и не можам да учествувам во носење на одлуки таму бидејќи Собранието е законодавна власт“,
рече Ковачевски при денешната посета на Штип.
Тој потсети дека Владата на својата затворена седница донесе заклучок со кој ги задолжи релевантните институции во државата да отпочнат активности за одземање на доделеното државјанство на Олександер Онишченко.
„Инаку, на таа затворена седница се разговараше за голем број на детали. Со оглед на тоа дека знаете дека одлуката на Влада е донесена врз основа на сите позитивни мислења од сите институции коишто треба да дадат мислење, информациите биле споделени од страна на директорот на АНБ. Јас за нив не можам да споделам информации бидејќи се работи за затворена седница на Влада и споделување на информации од такви седници е тешко казниво дело со закон, со затвор од една до пет години“,
рече Ковачевски.