Премиерот вчера најави дека ќе испрати покани до партиите за лидерска средба, а целта на средбата, како што претходно соопштија од владината прес-служба, е да се отвори дискусија за европската иднина на Република Северна Македонија, но и за одлуките кои во наредниот период треба да се носат во Собранието со широк политички и општествен консензус
Премиерот Димитар Ковачевски ги испратил поканите до сите парламентарни партии за лидерската средба која в понеделник треба да се одржи во Собранието на РСМ, потврдија попладнево од прес-службата на Владата за „360 степени“.
Премиерот вчера најави дека ќе испрати покани до партиите за лидерска средба, а целта на средбата, како што претходно соопштија од владината прес-служба, е да се отвори дискусија за европската иднина на Република Северна Македонија, но и за одлуките кои во наредниот период треба да се носат во Собранието со широк политички и општествен консензус.
Ова секако подразбира отворање на Уставот и носење на потребните уставни измени за вметнување на Бугарите и другите народи во Преамбулата.
Потребата за отворање на Уставот за вметнување на Бугарите и другите народи веќе ги отвори апетитите на албанските партии, кои почнаа да лицитираат со свои барања и условувања. Тие повикаа да се тргне цензусот од 20 проценти во однос на албанскиот јазик. Лидерот на Беса, Билал Касами, веќе ги повика на лидерска средба албанските партии за да се разговара на оваа тема.
Албанскиот партнер во власта, ДУИ, сè уште јасно не прецизираше дали сега е вистинскиот момент да се бара тргање на формулацијата „20 отсто“. Првиот интегративец Али Ахмети во неделата по партискиот состанок рече дека дискутирале и со ВМРО-ДПМНЕ и со СДСМ дека во вистинскиот момент кога ќе има 80 гласа, „овој проблем може и да се поправи”.
Министерот за надворешни работи од редовите на ДУИ, Бујар Османи, пак, смета дека не станува збор за прашање кое ги засега само Албанците. Тој на прес-конференција во Скопје потенцираше дека колку што имаат интерес албанските партии, толку имаат и македонските политички партии од промената на овој начин на формулирање на „20 проценти“ бидејќи „ова довело до демографската трка во минатото“.
Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска изјави дека партијата е можно да прифати лидерска средба само доколку на неа се разговара за економската состојба и проблемите на граѓаните, но не и за промена на Уставот.