Од МОН велат дека во насока на заштита на учениците, преку централизиран систем ќе бидат оневозможени сите содржини кои се означени како несоодветни за возраста на децата

Во 40 основни училишта во земјава поставена е нова опрема преку која учениците ќе може да пребаруваат на интернет и полесно да ги совладуваат наставните материјали, но да пребаруваат и дополнителни едукативни содржини. Пребарувањето е овозможено преку безжични пристапни точки во сите училници, информираат од Министерството за образование и наука (МОН).
Она што нема да може да се пребарува, како што информираат од МОН, се содржини кои не се за образовни потреби.
„МОН во насока на заштита на учениците, преку централизиран систем ќе ги оневозможи сите содржини кои се означени како несоодветни за возраста на децата. Опремата е набавена преку проектот на Министерството за образование и наука за унапредување на основното образование кој е финансиран со средства од Светска банка“,
се наведува во соопштението од МОН.
Од МОН велат дека претходно било инвестирано во нови персонални и преносни компјутери за училиштата, смарт табли, 3Д скенери, печатари, проектори, системи за складирање и управување со податоци.
„Беа набавени и нови наставни и нагледни средства за кабинетите по предметите од групата на општествени науки, како историја и географија, и целосно нови кабинети по природни науки во сите основни училишта“,
информираат од МОН.