Пораките кои пристигнуваат изминатиот период од меѓународната заедница повторно го наметнуваат носењето на Закон за јавно обвинителство како еден од клучните услови кои земјава треба да ги исполни ако сака да се надева на позитивни вести за долгоочекуваниот старт на преговорите со Европската Унија.
Власта вели сериозно ги зема предвид пораките кои се испраќаат – опозицијата, пак, тврди дека е спремна за повторно интензивирање на политичките преговори.
„Сериозно ги земаме пораките дека законот за јавно обвинителство се диригира како сериозен услов за следниот извештај кој треба да го објави Европската комисија за напредокот на земјава. Се прават напори за креирање текст кој ќе успее да добие двотретинско мнозинство во парламентот“, велат од Министерството за правда.
Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека засега нема напредок од она што досега е познато, но посочуваат дека се подготвени да седнат на преговарачка маса за да се најде добро законско решение.
Како тоа ќе се постигне, ниту од власта ниту од опозицијата не сакаат да откриваат конкретни чекори. Но, според брифинзите од упатените во преговорите, најверојатно ќе се оди на сосема нов предлог-закон чија подготовка е при крај.
Во таков случај, ќе се повлече предлог-законот кој беше доставен во Собранието летово, од кој досега произлегоа бројни варијанти.
За да се донесе законот во Собранието е потребно двотретинско мнозинство.
Меѓународна очекува закон до февруари, Пендаровски порача да нема договарања зад сцената
И претседателот на државата, Стево Пендаровски, во неговото обраќање на Регионалниот форум за борба против корупцијата, порача дека носењето нов закон е неопходно ако сакаме да има ефикасна борба против високата корупцијата. Законот за јавно обвинителство, рече тој, мора да ги задоволува највисоките европски стандарди наместо преку непринципиелни политички договарања зад сцената да се компромитира борбата против корупцијата.
Рокот до кога би требало да се донесе законот е до февруари в година. Овој рок се наметнува поради тоа што, како што објави „360 Степени“, во февруари Европската комисија ќе објави мини-извештај за реформскиот напредок во С. Македонија и во Албанија, врз чија основа земјите-членки на ЕУ кон крајот на март 2020 г. би носеле одлука за почеток на пристапни преговори со Скопје и со Тирана.
Во понеделникот во Брисел се одржа работен појадок на новиот евркомесар за соседство и проширување, Оливер Вархели, со министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ и шефовите на македонската и албанската дипломатија, Никола Димитров и Гент Цакај и на тој појадок една од пораките била дека клучно за нашето досие ќе биде да се донесе нов закон за јавно обвинителство пред Европската комисија во февруари да го затвори скратениот извештај за земјава.

И амбасадорот на Франција во С.Македонија, Кристијан Тимоние, крајот на ноември испрати јасна порака дека законот е еден од клучните услови, при неговото обраќање на собраниската седница на Националниот совет за евроинтеграции.
Покрај од ЕУ, пораки испратија и САД. Американската амбасадорка Кејт Мари Брнс во интервју за државната новинска агенција МИА, објавено неделава, истакна дека новиот закон за Јавното обвинителство е суштествен за да се покаже национална посветеност во борбата против корупцијата и градење на посилно обвинителство како институција. Случаите на корупција што беа покренати од Специјалното јавно обвинителство (СЈО), пак, порача таа, мораат да продолжат на еден кредибилен начин.
Токму предметите на СЈО беа една од главните теми на препукување меѓу власта и опозицијата во досегашните преговори. СДСМ тврдеше дека се бара скриена амнестија за осомничените и обвинетите, а ВМРО-ДПМНЕ, пак, дека предлагаат стандарди кои ќе значат еднаква правда за сите, а не селективна.
Власта еднаш се согласи опозицијата да предлага обвинител за висока корупција
Едно од поважните прашања на преговори беше и кој да го предлага шефот на Обвинителството за гонење организиран криминал и висока корупција, а меѓу последните конкретни резултати од досегашните преговори беше и тоа што власта, како што изјави премиерот Зоран Заев во октомври, се согласила обвинителот за гонење висока корупција да биде на предлог на опозицијата.
ВМРО-ДПМНЕ, како што објаснуваше претходно, предлагаше методологија на избор во неколку чекори. Прво, од кандидатите кои се пријавиле на оглас, опозицијата да предложи кој ќе го води ова обвинителство. Второ, ако таквиот предлог не помине, постапката да се повтори уште еднаш. Доколку повторно е неуспешна, тогаш опозицијата и власта со консензус да предложат личност до Советот на јавни обвинители. Ако и тоа не се случи, последниот збор би го имала опозицијата која ќе избере тројца од пријавените кандидати и ќе му ги предложи на Советот кој ќе треба да избере еден.