Тоа што денес постои жива дискусија за корупцијата е возможно поради напредокот што е постигнат во промовирањето на транспарентноста и одговорноста – и гаранциите дека за разлика од минатото, злоупотребите не се ставаат под тепих, оценува амбасадорката на САД, Кејт Мари Брнс.
Во интервју за МИА по повод Меѓународниот ден за борба против корупцијата, Брнс истакнува дека оваа транспарентност претставува нето позитивна придобивка за земјата, бидејќи зголемената транспарентност значи дека луѓето знаат повеќе за внатрешните состојби на нивната влада и можат да бараат корегирање на активностите.
„Државната комисија за спречување на корупцијата презеде важни чекори за попроактивно да се бори против високата корупција низ целиот политички спектар. Владата презеде чекори да го подобри јавното управување со финансиите и нивната транспарентност, на пример преку лансирање на новиот портал Отворени финансии, што секој може да го користи онлајн ако сака да ги следи трошењата на државата“, вели Брнс.
Но, и покрај подобрената клима, американската амбасадорка смета дека корупцијата се уште претставува проблем, но со толку високо платена цена за корупција, земјата, според Брнс, не смее да си дозволи враќање назад.
Укажува дека борбата против корупцијата бара решителност од сите елементи во општеството, од граѓанското општество, од приватниот сектор, од судството, од институциите на системот, јавноста и од медиумите.
Во тој контекст, таа ја коментира и состојбата со слободата на медиумите, според неа е многу подобрена во однос од пред само неколку години, односно, како што вели, денес медиумите можат слободно да известуваат и да ја повикуваат владата на одговорност, без страв од директна или индиректна одмазда.
Според амбасадорката Брнс, новиот Закон за Јавното обвинителство е суштествен за да се покаже национална посветеност во борбата против корупцијата и градење на посилно обвинителство како институција. Случаите на корупција што беа покренати од Специјалното јавно обвинителство, таа истакна дека мораат да продолжат на еден кредибилен начин.
Уште една важна алатка во оваа борба е усвојувањето на националната стратегија за борба против корупцијата на ДКСК. Во таа смисла, Брнс упатува апел до Собранието да дејствува и да ја усвои пред следните национални избори, бидејќи секое одложување, како што вели, ќе ги доведе во прашање заложбите на земјата за унапредување на евро-атлантските интеграции.
„Демократска и просперитетна Северна Македонија заснована на вредностите на транспарентност и одговорност е одличен партнер за Соединетите Држави. Ќе продолжиме да работиме со луѓето и институциите на оваа земја за да се оддржи позитивниот импулс кон напредок и за да се создаде подобра иднина“, вели Брнс во интервју за МИА.