Како што информираа попладнево од ОЈО ГОКК, осомничените се на возраст од 22 до 34 години, а предметот е отворен по преземени координирани активности меѓу Обвинителството, МВР и Агенцијата за национална безбедност (АНБ)
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), постапувајќи по кривична пријава поднесена од Министерството за внатрешни работи (МВР), отвори истражна постапка против пет лица од Скопје кои се осомничени за кривично дело терористичка организација.

Како што информираа попладнево од ОЈО ГОКК, осомничените се на возраст од 22 до 34 години, а предметот е отворен по преземени координирани активности меѓу Обвинителството, МВР и Агенцијата за национална безбедност (АНБ).
Според доказите што биле обезбедни во предистражната постапка, првоосомничениот во случајот кон крајот на 2024 година креирал интернет канал и група на социјална платформа во која членувале и останатите осомничени. Во текот на 2025 и 2026 година, преку овие комуникациски канали, осомничените ширеле содржини со кои се промовирала и поддржувала идеологијата на терористичката огранизација Исламска држава или ИСИС и други идеолошки поврзани терористички организации, како и џихадистички материјал.
„Целта била ширење на пропаганда, идеолошка индоктринација и глорификација на терористички дејствија и нивни извршители“,
се наведува во соопштението.
Во рамките на акцијата, информираат од ОЈО ГОКК, по наредба на судија на претходна постапка биле извршени претреси на пет локации на подрачјето на Скопје. Три од нив биле во Казнено-поправната установа „Идризово“, каде двајца од осомничените се на издржување на казна за друго кривично дело, а еден е во притвор. Другите две локации, каде биле извршени претреси, според Обвинителството се поврзани со останатите осомничени лица.
„При претресите се пронајдени и одземени повеќе електронски уреди и други предмети што ќе бидат предмет на вештачење и понатамошна доказна постапка“,
велат од ОЈО ГОКК.
Оттаму додаваат дека судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје делумно го прифатил предлогот на надлежниот јавен обвинител и на еден од осомничените му одредил мерка притвор, додека на другиот му определен куќен притвор.
За случајот преку соопштенија информираа и од Министерството за внатрешни работи и од Агенцијата за национална безбедност (АНБ).
Според МВР, активностите биле преземени врз основа на претходно добиени сознанија и информации од меѓународни стратешки партнери, а во соработка со АНБ и под раководство на надлежното обвинителство, со цел идентификување на администратори и членови на интернет апликации што поттикнувале создавање терористичка организација.
Во соопштението од АНБ се наведува дека осомничените воспоставувале контакти со медиумско-пропагандни канали на терористичката организација Исламска држава и работеле на создавање локална мрежа за ширење екстремни и насилни наративи, со цел поттикнување терористички активности во државата.
Како дел од групата, тие обезбедувале и логистичка поддршка на лица кои претходно биле опфатени со контратерористички активности, додека дел од осомничените веќе издржуваат казни затвор или се наоѓаат во притвор за кривични дела поврзани со тероризам.
Од АНБ нагласуваат дека активностите се преземени со цел навремено откривање и спречување на заканите по националната безбедност и заштита на уставниот поредок и граѓаните.
