Претходно денеска претседателот на Асоцијацијата за цистична фиброза Фики Гаспар во изјава за медиумите кажа дека иако уште пред велигденските празници побарале одговори од надлежните институции до каде е набавката на лекот „трикафта“, сѐ уште немаат добиено никаква информација во врска со ова
Заменик-министерката за здравство Маја Манолева информира дека Министерството за здравство и Фондот за здравство во моментов се во фаза на преговори со Владата за обезбедување дополнителни средства за набавка на дополнителни количини од лекот „трикафта“ за пациентите со цистична фиброза.

Таа потенцира дека од голема важност е што во рамки на Министерството се формирала работна група која ќе ги дефинира критериумите според кои пациентите ќе го добиваат не само лекот „трикафта“ туку и други лекови.
„Критериумите за следење на пациентите кои ќе бидат вклучени на таа терапија, критериумите за ефикасноста на лековите, сето тоа е веќе во финална фаза на дефинирање од страна на работната група, а во фаза на преговори се Министерството со Фондот за здравствено осигурување и Владата за обезбедување на дополнителни средства за набавка на дополнителни количини на лекот ‘трикафта’, којшто во моментов им е потребен на една група на пациенти со цистична фиброза“,
изјави заменик-министерката за здравство Маја Манолева.
Претходно денеска, претседателот на Асоцијацијата за цистична фиброза Фики Гаспар во изјава за медиумите кажа дека иако уште пред велигденските празници побарале одговори од надлежните институции до каде е набавката на лекот „трикафта“, сѐ уште немаат добиено никаква информација во врска со ова.
Доколку не добијат одговор, Гаспар најави дека пациентите ќе излезат на протест пред Министерството за финансии затоа што сметаат дека доколку се обезбеди буџетот за набавка на лекот, работите ќе се движат со многу побрзо темпо.
Во моментов лекот „трикафта“ го примаат 12 најтешко болни од цистична фиброза.
Минатиот месец Собранието ги усвоени законските измени со кои државата ќе може да набавува одредена количина од некој лек во директни преговори со неговиот производител. Измените предвидуваат олеснета набавка на лекови кои главно се наменети за пациенти со ретки и тешки болести, а меѓу нив е и „трикафта“.