Американскиот државен секретар Антони Блинкен денеска изјави дека ќе работи на продолжување на паузата во борбите во Газа при претстојната посета на Израел
Продолженото примирје меѓу Израел и Хамас влегува во својот шести и последен ден, но во тек се дипломатски напори за одржување на паузата во борбите, пренесува Си-ен-ен.
Договорот меѓу Израел и Хамас беше продолжен во понеделникот за два дополнителни дена.

„Сега Хамас се стреми да го продолжи примирјето“,
рече член на политичкото биро на милитантната група.
Очекувањата се, како што пишува Си-ен-ен дека ако сè се одвива според планираното и Хамас ослободи најмалку 10 израелски заложници, би можело да се подготви дополнителен список на заложници за следниот ден и со тоа да се продолжи паузата за уште 24 часа.
Преговарачите веруваат дека има доволно жени и деца во заробеништво на Хамас за да се продолжи примирјето за два дополнителни дена.
Американскиот државен секретар Антони Блинкен денеска изјави дека ќе работи на продолжување на паузата во борбите во Газа при претстојната посета на Израел.
„Во текот на следните неколку дена ќе бидеме фокусирани да направиме сè што можеме за да ја продолжиме паузата, така што ќе продолжиме да извлекуваме повеќе заложници и ќе доставуваме повеќе хуманитарна помош“,
рече Блинкен по министерскиот состанок на НАТО во Брисел.
Што се однесува на руската војна во Украина, Блинкен додаде дека Вашингтон и неговите сојузници остануваат цврсти во нивната поддршка за Киев.
„Одговорот денеска овде во НАТО е јасен и непоколеблив: Мораме и ќе продолжиме да ја поддржуваме Украина“,
потенцираше Блинкен на состанокот на западната воена алијанса.
Според американскиот советник за национална безбедност, Џејк Саливан, Соединетите држави со авион префрлиле повеќе од 54 000 фунти медицински производи и храна во логистички центар во Египет за да бидат донесени во Газа.
Официјалните претставници на Обединетите нации, исто така, ја нагласуваат зголемената потреба за помош, особено потребата од набавки за да работат критичните услуги и сектори како канализација, вода или болници.
Како што пишува Си-ен-ен, Хамас последно ослободил уште 12 заложници, десет израелци и двајца тајландски државјани. Некои од Израелците имаат двојно државјанство.
„Ниту еден Американец не беше ослободен, иако Белата куќа претходно соопшти дека две жени се очекува да бидат ослободени како дел од договорот објавен меѓу Израел и Хамас минатата недела. Белата куќа соопшти дека и понатаму се надева оти некои Американци може да бидат ослободени денеска“,
пишува Си-ен-ен.
Во согласност со договорот за примирје вчера беа ослободени вкупно 30 Палестинци од израелските затвори, соопшти израелската затворска служба.