Новата градоначалничка, Данела Арсовска, во кампањата најавуваше дека наместо со БРТ, проблемите во градскиот сообраќај ќе ги решава со повеќе нови еко-автобуси, воведување нови линии и бесплатен автобуски превоз. Едно од нејзините предизборни ветувања беше купување на 250 нови еко-автобуси. Бочварски, пак, денеска рече дека е лесно да се набават нови автобуси, но кога тие ќе се стават во целиот сообраќај ќе направат и дополнителен притисок. Скопје, според министерот, го надживеа тој традиционален транспорт и потребен е нов концепт

Во предлог-буџетот за 2022 година предвидени се 246 милиони денари (4 милиони евра) за воведување брз автобуски превоз (БРТ) во Скопје. Тендерската постапка за овој проект е во тек, па министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, денеска ја повика новата градска власт да ја преиспита најавата за откажување на проектот.
БРТ, рече министерот, е решение со кое ќе се воведе сосема нов систем на транспорт на патници и значајно ќе се намалат времето на патување (за 50 отсто) и сообраќајниот метеж кој го имаме сега во главниот град, а ќе се намали и загадување на воздухот.

„Не станува збор за набавка на нови автобуси туку за изградба на цела инфраструктура односно на цел нов систем на транспортна мрежа која нуди брз и ефикасен транспорт на градот. Најголем удел во вкупниот број возила што сообраќаат низ градот се патнички возила и тоа е некаде преку 80 проценти. Затоа, сметаме дека овој нов концепт на транспорт ќе има влијание врз намалување на употребата на возила, како и врз намалување на загадувањето во Скопје. Повикуваме Градот Скопје да ја преиспита одлуката, бидејќи секое отстапување од ваков систем на транспорт нема да донесе поефикасен транспорт во градот“,
рече Бочварски на прес-конференција на која го презентираше буџетот на министерството за наредната година.
Станува збор за проект кој, нагласи министерот, неколку години е проектиран и планиран преку студии и анализи што ги водеше Град Скопје. Донесен е и закон во Собранието со кој државата се задолжува 70 милиони евра кај Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), а со кој ќе се воведат две линии од „автобуското метро“.
„Како проект е одлично оценет од страна на меѓународните експерти. Поминати се многу чекори и многу фази. Затоа, апелирав и ќе повторам дека е добро да не се брза со таквите одлуки во Градот Скопје, бидејќи воведувањето нов систем носи многу бенефит. Од другата страна, не видовме аргументи зошто би се запрел ваков проект. Доколку се донесе таква одлука, таа треба да е поткрепена со студии, анализи, експертски елементи и сознанија кои ќе се вградат во целиот овој проект и процес за, на крајот на денот, да можеме да кажеме дека се донела таква одлука. Верувам дека после сознанијата кои ќе ги добие за бенефитите од овој проект, Градот Скопје и новата локална самоуправа ќе го променат тој нивен став“,
рече Бочварски.
За разлика од претходниот градоначалник Петре Шилегов, кој го промовираше овој проект како еден од најзначајните за главниот град, новата градоначалничка, Данела Арсовска, во кампањата најавуваше дека наместо тоа, проблемите во градскиот сообраќај ќе ги решава со повеќе нови еко-автобуси и воведување нови линии. Едно од нејзините предизборни ветувања беше купување на 250 нови еко-автобуси.
„Неопходно е Скопје да добие бесплатен јавен превоз и нови еко автобуси. Тоа е најбрзото и најсигурно решение за јавниот превоз во Скопје за разлика од БРТ-проектот, кој значи дополнителни инфраструктурни проекти и со тоа реализацијата ќе трае со години. Не ни треба решение само за дел од Скопје, бидејќи решенијата мора да се однесуваат на сите делови на Скопје“,
зборуваше Арсовска во кампањата.
Бочварски, пак, денеска рече дека лесно е да се набават нови автобуси, но кога тие ќе се стават во функција, ќе направат и дополнителен притисок.
„Сметаме дека Скопје го има надживеано целиот овој процес на традиционален транспорт и е потребен алтернативен транспорт за кој веќе се обезбедени средства и за кој е распишана постапка за проектирање и градба“,
рече Бочварски.