Во образложенијата на сите предложени измени на законите делот пет, односно точката 5 насловена како: „Преглед на регулативи од други правни системи и усогласеноста на предлогот на Закон со правото на Европската Унија“, е празен
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ги повика Делегацијата на Европската Унија во земјава и амбасадите на секоја земја членка на Унијата поединечно уште денеска да излезат со став во врска со ставањето на предлог-измените во собраниска процедура, по скратена постапка, односно со европско знаменце. Доколку тоа не се случи, рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање, опозициската ВМРО-ДПМНЕ од утре ќе отвори јавна дебата и во врска со ова прашање
Предлог-измените на петте закони што Владата ги усвои на седница минатиот петок, а кои се за, како што тврдат од Илинденска бр. 2, зголемување на ефикасноста на изградбата на коридорите 8 и 10-д, стигнаа во Собранието.

Како што може да се види на интернет-страницата на законодавниот дом, предлог-измените на петте закони се примени денеска, односно се со датум на прием 8.5.2023 година и се со европско знаменце, како што веќе и најави првиот вицепремиер и координатор на проектот, Артан Груби, на прес-конференцијата минатиот петок.
Станува збор за предлог-измени на Законот за работни односи, на Законот за експропријација, потоа Законот за урбанистичко планирање и за градење и на Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10-д (делница на автопатот Прилеп– Битола) во Република Северна Македонија. Сите пет предлог измени се со европско знаменце.

Сепак, во образложенијата на сите предложени измени на законите, делот пет, односно точката 5 насловена како: „Преглед на регулативи од други правни системи и усогласеноста на предлогот на Закон со правото на Европската Унија“, е празен.
Имено, во точката пет не е наведено ништо во врска со потребата од изменување на конкретните закони поради усогласување со законодавството на Европската Унија.

На овој момент се осврна и лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој денеска беше на состанок во Стопанската комора на Македонија каде што, меѓу другото, станало збор и за изградбата на коридорите 8 и 10-д, кои ќе ги гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“.
Тој ги повика Делегацијата на Европската Унија во земјава и амбасадите на секоја земја-членка на Унијата поединечно уште денеска да излезат со став во врска со ставањето на предлог-измените во собраниска процедура, по скратена постапка, односно со европско знаменце. Доколку тоа не се случи, рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање, опозициската ВМРО-ДПМНЕ од утре ќе отвори јавна дебата и во врска со ова прашање.

„Додека траеше состанокот со Сојузот на стопански комори состојбата е изменета, односно не дека имаат намера туку дека законите се пристигнати во парламент со европско знаменце и јас денеска нема да го коментирам ова, ќе оставам од страна на Европската комисија, односно од Канцеларијата на Европската комисија тоа во текот на денешниот ден да биде искоментирано. Доколку тоа не се случи, тогаш од утре ќе отвориме јавна дебата и по тоа прашање, затоа што вересиите кои ги видовме во делот пет, кој вообичаено се користи за објаснување со кои делови од европската регулатива се усогласува овој закон, замислете, во овие предлози е празен, значи не стои таму во што се усогласува. Така ако до пред неколку минути имаа намера, еве сега сакам да ве информирам дека веќе се пристигнати законите со европско знаменце во парламентот и ја повикувам Канцеларијата на Европската комисија во Македонија, ги повикувам амбасадите на земјите од Европската Унија да се произнесат во текот на денешниот ден за ова што денеска го направи Владата на ДУИ и СДСМ“,
рече Мицкоски во изјава за медиумите во Стопанската комора на Македонија.
Речиси истовремено во Собранието прес-конференција одржа пратеникот на СДСМ, Миле Талески, на која изјави дека со предлог-законите кои влегуваат во парламентарна процедура се унапредува ефикасноста во изградбата на патната, железничката и енергетската инфраструктура во државата.
Пратеникот претходно ги обвини опозициските ВМРО-ДПМНЕ и Левица дека со недели водат хајка против изградбата на делниците од коридорите 8 и 10-д и против реномираната американска компанија „Бехтел“.

Меѓу проектите чија реализација ќе добие на ефикасност со поднесените предлог-измени на Владата, откако тие ќе бидат усвоени, Талески наведе и оние финансирани од Европската Унија и од меѓународни финансиски институции.
„Со предлог-законите кои влегуваат во собраниска процедура се унапредува ефикасноста во изградбата на патната, железничката и енергетската инфраструктура во државата. На тој начин, се обезбедува побрза, поевтина и квалитетна изградба не само на овој проекти, туку и за сите идни национални и стратешки проекти, како автопати, железници, гасоводи и слично. Меѓу нив спаѓаат и проекти финансирани од ЕУ, од меѓународни финансиски институции. Сите предложени законски измени се во согласност со Уставот и со нивното донесување ќе се заштедат 150 милиони евра и две години изградба за коридорите 8 и 10-д. Изградбата на овие коридори, носи економски придобивки, со отворање на 8 000 нови работни места и номинален раст на бруто-домашниот производ (БДП) од два отсто годишно“,
рече пратеникот од редовите на СДСМ.
Иако пратениците на ВМРО-ДПМНЕ секојдневно бараа договорот со „Бехтел и Енка“ да се достави во Собранието, според пратеникот на СДСМ, сега тие молчат и не кажуваат на која собраниска седница тој договор да се разгледува, истовремено обвинувајќи ја опозициската партија дека наместо дебата и конструктивност, шири лажни вести за цената и за роковите за реализација на проектот.
„Тоа покажува дека ВМРО-ДПМНЕ сака по секоја цена да ја одложи реализацијата на проектот, изградбата да трае подолго, а државата да плати 150 милиони евра повеќе. Изградбата на коридорите е најголема инвестиција во инфраструктурата во историјата на државата во вредност од 1,3 милијарди евра каде ќе се изградат 110 километри автопатски делници на коридорите 8 и 10Д. СДСМ и парламентарното мнозинство нема да дозволат блокада на овој капитален проект и нема да дозволивме при неговата изградба да се повтори хаосот од автопатот Кичево – Охрид“,
порача Талески.
Инаку, со став во врска со предложените измени на законите со европско знаменце од Делегацијата на Европската Унија излегоа во петокот. Оттаму посочија дека тие не се во насока на усогласување на домашното законодавство со законодавството на ЕУ и стандардите на Унијата.
„Употребата на европско знаменце во легислативата навистина има за цел да ја забрза интеграцијата на Северна Македонија во Европската Унија и затоа треба да цели кон усогласување (на македонското законодавство) со законодавството и стандардите на ЕУ. Во конкретниот случај, нацрт-легислативата се чини дека не се однесува на усогласување со таквите стандарди. Ние ја изразивме нашата загриженост до домашните власти и бараме дополнителни објаснувања. Како што веќе рековме во последователните извештаи на Европската комисија за Северна Македонија, употребата на брзи процедури треба да биде ограничена и да се применува само кога е оправдано да се користи за да се унапреди реформската агенда за ЕУ. Тоа не треба да се користи за заобиколување на јавните консултации или за решавање на процедуралните тешкотии во законодавниот дом“,
рекоа од Делегацијата на ЕУ во земјава.
Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ денеска изјави дека од политички аспект ставањето европско знаменце на петте закони поврзани со изградбата на коридорите 8 и 10-д има основа, а тоа е успешна изградба на овие автопати и комплетирање на трансевропската мрежа на коридори во Северна Македонија.
Маричиќ рече дека се во редовна комуникација со Европската Унија и оти објасниле зошто го прават тоа.
„Тоа што мислам дека треба отворено да си го кажеме, оваа одлука е донесена за да се заобиколи нелегитимната блокада од страна на Левица, проруска партија, анти-НАТО партија, анти-ЕУ партија која ќе направи сѐ да ги спречи коридорите и впишани во европските трансевропски мрежи и за еден ваков проект реализиран од американска компанија“,
рече вицепремиерот за европски прашања.