Вицепремиерите Никола Димитров и Фатмир Битиќи, како и министрите Бојан Маричиќ и Горан Милевски денеска се вакцинираа против ковид-19 во „А1 арената“ во спортскиот центар „Борис Трајковски“, по што апелираа граѓаните масовно да се пријават и да се имунизираат.
Се вакцинираат јавно за, како што рекоа, да испратат порака дека вакцините се патот за победа над пандемијата.
„Го доживеав дури и како свечен чин, бидејќи толку време зборуваме за тоа и трае оваа мака. Пандемијата трае повеќе од една година, за жал, изгубивме многу животи, дел од слободата, и мислам дека е многу важно што е можно побрзо и што е можно повеќе македонски граѓани да се вакцинираме и затоа се придружувам во апелот. Што побрзо го направиме тоа, толку побрзо ќе си го вратиме животот колку-толку во нормала. Ние сме социјален народ, сакаме да се држиме, тоа ни е во менталитетот и мислам дека со доаѓањето на летните месеци и процесот на имунизација ќе бидеме близу до тоа да се вратиме таму каде што сакаме да бидеме“,
порача вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров.
Вицепремиерот за економски прашања, пак, рече дека има поинаква приказна.
„Пред неполни шест месеци, на 200 метри одовде, лежев повеќе од 11 дена на работ на мојата егзистенција и заради здравствените работници денеска имав можност да го направам тоа што треба да го направи секој еден граѓанин. Во нивно име сакам да им кажам на сите наши граѓани, пријавете се на vakcinacija.mk затоа што тоа е спасот“,
рече Битиќи.
Министерот за правда, кој одговарајќи на новинарски прашања сподели дека се вакцинирале со „Фајзер“, исто така, апелираше граѓаните масовно да се вакцинираат, без разлика за која вакцина станува збор, бидејќи сите се безбедни.

„Сите вакцини се подеднакво безбедни, ние се вакциниравме со таа што беше на ред, не знаевме однапред, ќе се чувствуваме подеднакво безбедни со која било вакцина да се вакциниравме. Без разлика кои вакцини се достапни, сите ќе нè спасат од тешки последици, завршување во болница и од смрт. Ова е задача за сите нас, затоа што само вака можеме ден поскоро да ја победиме пандемијата“,
рече Маричиќ, кој се надева дека до крајот на летото ќе имаме висок степен на вакцинација, што ќе ја означи и победата над пандемијата.
Дека вакцинирањето е заедничка одговорност порача и министерот за локална самоуправа.
„Се вакцинирав, заедно со уште многу други граѓани, за да го заштитам сопственото и здравјето на другите. Сопственото здравје е наша одговорност, но исто толку сме одговорни и за здравјето на нашите најблиски, на нашите соработници, роднини и пријатели“,
посочи Милевски.

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, пак, се вакцинираше на вакционалниот пункт во салата „Јордан Мијалков“ во Штип. Тој ја прими кинеската вакцина „Синофрам“ и порача дека ова е должност за неговото здравје, но и за блиските.

„Би сакал да ја упатам пораката до сите граѓани на Република Северна Македонија дека ова е многу значаен процес, процесот на имунизација и е единствениот начин да ја победиме пандемијата, предизвикана од ковид-19. Имајќи во предвид дека повеќе од една година имаме страшни последици, здравствени и секако од сите други општествени аспекти“,
рече Бочварски.