Дел од српските медиуми јавуваат дека партијата на Вучиќ, Српската напредна странка, и одредени фирми со автобуси испратиле граѓани од внатрешноста за да присуствуваат на церемонијата во Белград
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, со државни почести го пречека кинескиот претседател Си Ѓинпинг, кој е во дводневна посета на земјата. Двајцата претседатели ги поздравија илјадниците граѓани кои денеска дојдоа пред палатата „Србија“.
Ѓинпинг кажа дека импресиониран и длабоко трогнат од церемонијата за пречек во негова чест во Белград.
Посочи и дека односите меѓу Кина и Србија се на високо ниво и дека меѓу двете земји и двата народа постои искрено и силно пријателство.
„Кинескиот народ го смета српскиот за свој челичен пријател, за свои најдобри пријатели“,
рече тој.
Вучиќ, пак, порача дека денес се пишува историја и дека за неколку години сите ќе се сеќаваат на овој ден.
„Како што имаме јасни ставови за кинескиот интегритет, дека Тајван е Кина, така и тие ја поддржуваат територијата на Србија без никаква резерва. Беа со нас во најтешките моменти, беа со нас и пред 25 години кога оваа земја беше рушена и бомбардирана, заедно со нас платија висока цена, и изгубија луѓе на денешен ден“,
кажа тој.
Според најавите, по пречекот следува средба меѓу двајцата претседатели, пленарна средба на делегациите и потпишување на заедничка изјава и размена на потпишани билатерални документи.
Кинеската делегација брои околу 400 члена, а за време на посетата се планира да бидат потпишани повеќе од 30 договори од различни области.
Српските медиуми јавуваат дека партијата на Вучиќ и одредени фирми со автобуси пратиле луѓе од внатрешноста во Белград за пречекот на Ѓинпинг.
„Н1“ пренесува дека само од Крагуевац пристигнале петнаесетина автобуси. Луѓето потврдиле дека дошле организирано и дека нивното присуство е за поддршка на двајцата претседатели. Сепак, дел од нив кажале дека не се партиски организирани, туку превозот им го обезбедила фирма.
За европските медиуми кинескиот претседател Си Ѓинпинг е во Белград за да го зачува „новиот пат на свилата“ затоа што Србија е една од главните поддржувачи за влијанието на Кина во Европа. Медиумите во ЕУ оценуваат дека Пекинг ја претвора Србија во свој тројански коњ за влијание во Европа.
Ова е прва посета на претседателот Си на европскиот континент во последните пет години, од избувнувањето на пандемијата на ковид-19.
По Србија, кинескиот претседател ќе замине во Унгарија.