Поради претстојните прослави на новогодишните празници, Службата за Итна медицинска помош препорачува редовно земање терапија кај хроничните болни, да се внимава со внес на храна кај оние лица што се придржувале до божиќниот пост, умерено користење на алкохолни пијалаци за да се избегнат несаканите последици – алкохолни труења, тепачки и сообраќајни незгоди
За време на новогодишните празници Јавната здравствена установа „Здравствен дом на Скопје“ ќе работи 24 часа. На 31 декември, во текот на денот и за новогодишната ноќ, како и на 1 јануари, дежурни и достапни ќе бидат дежурните ординации во поликлиниките „Јане Сандански“, „Чаир“, „Ченто“, „Шуто Оризари“, „Ѓорче Петров“, „Драчево“ и „Бит Пазар“.

Овие ординации ќе дежураат и за божиќните празници.
Со секојдневно работно време за новогодишните и божиќните празници ќе функционира и единицата за домашно лекување.
„Поради претстојните прослави на новогодишните празници, Службата за Итна медицинска помош препорачува редовно земање на терапија кај хроничните болни, да се внимава со внес на храна кај оние лица кои се придржувале на божиќниот пост, умерено користење на алкохолни пијалаци како би се избегнале несаканите последици – алкохолни труења, тепачки и сообраќајни незгоди. Посебно се апелира до младата и малолетна популација да не се користат алкохолни пијалаци, заради нискиот праг на толеранција кон алкохолот. Исто така воздржување од користење разни пиротехнички средства и огнострелно оружје заради избегнување на несакани повреди, изгореници и други потешки последици“,
велат од Итната помош.
Министерството за здравство апелира до граѓаните да прославуваат мирно и одговорно со консумирање алкохолни пијалаци во умерени количини и да внимаваат на прекумерното внесување храна.
„Воедно апелираме да не се користат пиротехнички средства кои може да предизвикаат тешки телесни повреди“,
додаваат од МЗ.