Правдата во Северна Македонија се закопа! Судството и обвинителството преминуваат во рацете на македонските политичари и на неколку сервилни Албанци фатени со хипотеки по фиоки, реагираат од опозициската коалиција на Алијанса за Албанците (АА) и Алтернатива.
Нивната реакција е на вчерашната средба на претседателот Стево Пендаровски со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на која тие разговараа за судските процеси поврзани со упадот во Собранието на 27 април 2017.
„Една земја што овие денови претендира да добие датум за отворање на преговори за ЕУ, на политички состаноци донесува одлуки за судски постапки. Во вилата на претседателот, Стево Пендаровски, и претседателот на македонската опозиција, Христијан Мицкоски, за најтешкиот терористички акт – нападот врз највисоката институција и народните избраници, одлучуваат и вршат притисок над судството и обвинителството. За да го легитимираат овој скандал, му порачуваат на претседателот на албанската партија во владата, Али Ахмети, да излезе и јавно да пресуди дека на 27 април не се случи терористички акт, додека тие помалите од партијата не смеат ни уста да отворат“,
велат од АА и Алтернатива.
Тие ја напаѓаат ДУИ дека е „во милост на нивните македонски господари“ и оти станува опасност и за Албанците и за целата земја, но и прашуваат кој од оваа партија го известил Груевски дека ќе се избира претседател на Собранието на 27 април 2017, а и му кажал на Ахмети да не доаѓа во парламентот.
„Тие се во состојба да продадат сè само да се спасат од правдата за сите криминали што ги имаат направено. Ова е и причината поради која тие никогаш не отворија уста, ниту пак за монтираните случаи кон Албанците, ниту за амнестирањето на убиецот на малиот Алмир. Албанците и граѓаните општо заслужуваат одговор на две прашања: Кој беше функционерот на ДУИ што го информира Никола Груевски за седницата на 27 април и кој потоа го извести Али Ахмети да не доаѓа во Собрание додека останатите си ги доведуваа во животна опасност своите животи?“,
прашуваат од АА и Алтернатива.
*Поврзани вести:
Мицкоски: Пендаровски на средбата зборуваше едно, а после пред камерите друго
Пендаровски: Ставовите за „27 април“ се јасни и не зависеа од средбата со Мицкоски