Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вели дека претседателот на државата, Стево Пендаровски, бил дволичен, бидејќи ендо му кажал на вчерашната средба, а потоа друго зборувал пред камерите.
Мицкоски рече дека шефот на државата имал притисоци од новинари, како што рече, блиски до СДСМ и Зоран Заев, па затоа пред камерите зборувал друго, а не тоа за што се сложиле за време на средбата.
„Генерално, ние внатре се сложивме за се како што кажав и на мојата изјава надвор откако излегов од состанокот што го имав со господинот Пендаровски. Тоа што го спомнав надвор, практично, се согласивме и внатре за време на средбата, но очигледен е притисокот што се врши врз него, од оние, би рекол, новинарски пера што се под директна команда и влијание на СДСМ и Зоран Заев, но и од медиумите каде што влијанието на СДСМ и Зоран Заев е забележливо и тоа очигледно оставило трага кај претседателот Пендаровски. Јас го разбирам, нормално, не можам да го оправдам, бидејќи тоа во суштина се нарекува дволичност, едно лице да имате на средбата, едно да имате надвор пред камерите. Но, во ред, битно е дури ваков притиснат Пендаровски излезе надвор со став дека, сепак, доколку имаме нови докази, овој случај, како и многу други случаи во минатото, да започне од самиот почеток“,
рече Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашање за време на неговата денешна посета во Делчево.