Објаснувањето од Правда за измените е дека кога единствениот електронски систем за полагање на испитите не е во функција поради настани кои не можеле да се предвидат, а поради крајна итност за негово спроведување, се предлага можност квалификацискиот тест да се полага во хартиена форма, а резултатите да се добијат со електронски читач, без вклученост на човечки фактор, водејќи сметка за анонимноста, интегритетот на испитниот процес и различноста на тестовите
Дали со одлуката за промена на начинот на полагање на квалификацискиот тест во Академијата за судии и јавни обвинители Владата се обидува да промени закон.

Ова едно од прашањата што се наметна во јавноста откако Владата на 26 декември лани донесе заклучок со кој ги задолжува сите институции, меѓу кои и Академијата, кои имаат потреба од електронски испити да ги спроведат во хартиена форма, со електронски читач.
За ова денеска беше прашан и премиерот Димитар Ковачевски, кој рече дека тоа е прашање кое најдобро ќе го одговори министерот за правда, со оглед на тоа дека станува збор за правна регулатива.
„И доколку некаква одлука е во колизија со некој закон, тогаш сметам дека таа треба да се промени. Да бидам искрен, не сум имал контакти со Академијата за судии и обвинители. Имам свое мислење за таа Академија каде што кога ќе ги погледнете кандидатите коишто обично поминуваат, презимињата можете да ги погодите и на сон три наутро. Така што, прашања треба да се постават на сите адреси, не само на една адреса“,
рече Ковачевски.

Попладнево, кратко по изјавата на Ковачевски дадена како одговор на новинарски прашања по отворањето поликлиника во Општина Сарај, преку соопштение на темата се огласија од Министерството за правда.
Оттаму информираа дека Министерството иницирало измени на Законот за Академија за судии и јавни обвинители со цел, како што велат, да се надминат проблемите со полагањето на квалификацискиот тест.
Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за Академија на судии и јавни обвинители содржи четири члена, велат од Правда.
„Со членот 1 се врши надополнување на членот 40 со два нови става со кои се овозможува надминување на непредвидениот застој во постапката за полагање на приемниот испит во Академијата поради настан кој не можел да се предвиди“,
се наведува во соопштението од Министерството за правда.
Објаснувањето оттаму е дека кога единствениот електронски систем за полагање на испитите не е во функција, како настани кои не можеле да се предвидат, а поради крајна итност за негово спроведување, се предлага можност квалификацискиот тест да се полага во хартиена форма, а резултатите да се добијат со електронски читач, без вклученост на човечки фактор, водејќи сметка за анонимноста, интегритетот на испитниот процес и различноста на тестовите.
„Решението што се предлага е слично со решението содржано во Законот за дополнување на Законот за превоз во патниот сообраќај (Службен весник на РСМ бр. 67/22)“,
велат од Министерството за правда.

Од Академијата за судии и јавни обвинители вчера во известување до кандидатите пријавени на јавниот оглас за прием на 130 слушатели во 9. генерација на почетна обука, информираат дека Управниот одбор на седница го разгледал заклучокот на Владата и дека ги разгледува сите можности за спроведување на квалификацискиот тест.
„Ве информираме дека Управниот одбор на Академијата одржа седница на која го разгледа Заклучокот на Владата на РСМ усвоен на 214. седницата одржана на ден 26 декември 2023 година. Во моментов, Управниот одбор ги разгледува сите можности за спроведувањето на квалификацискиот тест согласно закон. Како што веќе знаете, временската динамика за полагање на приемниот испит беше менувана повеќе пати, од причина што беше донесен нов Закон за Академија за судии и јавни обвинители, нови подзаконски акти согласно истиот, истек на договорот за одржување на електронскиот систем за полагање на испити во државните институции, како и поради други фактори кои имаа влијание на спроведувањето на некои фази од приемниот испит, Академијата транспарентно и навремено ве известуваше за секоја нова измена. Со цел добивање навремени и точни информации, продолжете да ја следите нашата веб-страница, како единствено средство за информирање во однос на понатамошниот тек на приемниот испит“,
се наведува во вчерашното соопштение на Академијата.