Новоформираната група ќе започне со работа веднаш, а до неа, како што информираат од Правда, ќе бидат доставени забелешките и коментарите од извештајот на оценската мисија на Европската Унија која дојде во земјава за да ги оцени состојбите во Судскиот совет
Министерството за правда најави формирање работна група која ќе биде посветена на реформа на Судскиот совет – тело кое годинава беше во фокусот на јавноста поради низата скандали и превирања.
Во работната група, како што информираат од Правда, ќе бидат вклучени претставници на Здружението на судии, претставници од невладиниот сектор, како и претставници на академската заедница и експерти од соодветната област. Воедно, како што додаваат од Министерството, покана за учество во групата ќе биде доставена и до најголемите политички партии во државата.

Новоформираната група ќе започне со работа веднаш, а до неа, како што информираат од Правда, ќе бидат доставени забелешките и коментарите од извештајот на оценската мисија на Европската Унија која дојде во земјава за да ги оцени состојбите во Судскиот совет.
„Наводите од овие извештаи работната група ќе ги адресира во конкретните законски одредби заради надминување на лоцираните слабости во однос на законските решенија и нивната примена во практиката“,
велат од Министерството за правда.
Во соопштението испратено до медиумите, Правда го нагласуваат значењето на реформата на Судскиот совет кој, како што велат, како орган ќе придонесе за враќање на довербата на целокупната јавност во судскиот систем.