По предлог на група пратеници од власта и од опозицијата, Собранието ќе се изјаснува за измени на Законот на празниците. Пратениците Рубин Земон, Реџеп Мемеди, Фадил Зендели, Ѓулумсер Касапи, Самка Ибраимовски, Џеват Адеми, Зеќир Рамчиловиќ, Никола Мицевски, Илија Димовски, Илија Николовски, Лилјана Поповска и Мирослав Јовановиќ предлагаат уште нови десет неработни денови.
Тие сметаат дека освен македонскиот народ и припадниците на заедниците кои таксативно се набројуваат во Преамбулата на Уставот на Република Северна Македонија, врз основа на податоците од последниот попис на населението, право да чествуваат свои национални празници имаат и припадници на етничките заедници на Египќаните, Црногорците, Хрватите, Словенците, Пољаците, Унгарците, Украниците, Русите, Ерменците, Бугарите и Грците. Во предлогот се вели дека овие заедници се организирани во соодветни здруженија на граѓани, со што го негуваат својот културен и етнички идентитет.
„Со усвојување на предложените измени, со Законот за празниците ќе се укине дискриминацијата и исклучувањето што го генерира овој Закон врз припадниците на заедниците кои се познати како „другите“ од Преамбулата. Во рамките на духот на градењето на концептот за развој на едно општество за сите и оваа категорија на граѓани ќе бидат рамноправни и со еднакви можности со останатите граѓани кои имаат право да имаат свој неработен ден, што е значаен за соодветната сопствена историјата, културата и идентитетот на посебната заедница“,
пишува во во нивното образложение.
Според предлагачите, со измените, Законот се ускладува со членовите 3, 4 и 5 Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства на Советот на Европа, која Република Северна Македонија ја има потпишано и ратификувано, со што таа е веќе дел од националното законодавство.
„Исто така се ускладува и со препораките на Советодавниот комитет на Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства при Советот на Европа, забележани во нивниот последен извештај при мониторинг објавен на 20 декември 2016, а Европската комисија во извештајот за напредокот на земјата од Април 2018 година, реферираше кон истите препораки“,
сметаат предлагачите.
Нивниот предлог предвидува, 8 февруари, ден на словенската култура, да биде неработен за припадниците на словенечката заедница, 15 март, национален ден Унгарците, за припадниците на унгарската заедница, 3 мај, национален ден на Пољаците, за припадниците на полската заедница, 24 јуни, меѓународен ден на Балканските Египќани, за припадниците на египќанската заедница, 25 јуни, национален ден на Хрватите, за припадниците на хрватската заедница,13 јули, национален ден на Црна Гора, за припадниците на црногорската заедница, 21 септември, национален ден на Ерменците, за припадниците на ерменската заедница, 22 септември, ден на независноста на Бугарија, за припадниците на бугарската заедница, 28 октомври, ден на независноста на Грција, за припадниците на грчката заедница и 4 ноември, национален ден на Русите, за припадниците на руската заедница.
Владата дала негативно мислење за предлогот на групата пратеници и е против измени на Законот за празниците со кој би биле предвидени нови 10 неработни дена. Оттаму сметаат дека актуелниот број празници кои го чествуваат сите граѓани, вклучувајќи ги неработните денови за верниците од различни вероисповеди овозможува негување на националните и на верските чувства и го унапредува мултиетничкиот карактер на државата.
„Имајќи го предвид постојниот број денови на празници и соодветна на тоа, со Закон утврдените неработни денови, се смета дека предложените измени би биле нецелисходни“,
се вели во мислењето од Владата.
Предлогот е вметнат во дневниот ред на Собранието и денеска за него пратениците ќе дебатираат во прво читање.