Откако доби зелено светло од пратениците да се носи по скратена постапка, законот сега ќе оди на Комисијата за политички систем и Законодавно-правната комисија пред повторно да се најде на пленарна седница. За попладне од 18 часот веќе е закажана седница на Комисијата за политички систем на чија единствена точка од дневниот ред ќе се најде предложеното законско решение за реорганизација на министерствата
Со мнозинство од 74 гласа „за“, 24 „против“ и ниту еден „воздржан“, пратениците на денешната пленарна седница одобрија предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за организација и работа на органите на државната управа, чиј предлагач е пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и мандатар за состав на нова влада, Христијан Мицкоски, да се носи по скратена постапка.

Гласањето уследи откако по вчерашното повлекување Мицкоски повторно го достави предлог-законот пред пратениците и образложи дека бил накратко повлечен од собраниската процедура поради номотехничко усогласување. Од позиција на предлагач на законот, Мицкоски побара поддршка за усвојување на решението со кое се прави реорганизација на министерствата во име на, како што рече, огромната поддршка што коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ја добила на изборите и во име на реформите кои се заложила дека ќе ги спроведе.

„Она што е важно да го напоменам и потенцирам е дека на овој начин после неколку децении доаѓа до реорганизација на министерствата во рамките на самата влада, реорганизација во која дел од министерствата ќе бидат нови, а агенциите кои досега постоеја, практично ќе бидат укинати. Дел од министерствата ќе бидат прегрупирани, односно пренесени дел од надлежностите од едно во друго министерство со цел да бидат спроведени реформите коишто ги има за цел новата влада, но и во исто време да одговориме на потребите на граѓаните кои на минатите избори на 8 мај го дадоа гласот за коалиција ‘Твоја Македонија’“,
рече Мицкоски пред пратениците, претставувајќи го предлог-законското решение за реорганизација на министерствата.
Пратеникот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ ги повика пратениците да го поддржат предлог-законот и изрази очекување дека ќе биде усвоен во најкраток можен рок согласно одредбите од собранискиот Деловник.
Пред пратениците направи краток осврт на предлогот за реорганизација на министерствата која потенцијално би се случила доколку законското решение го добие потребното двотретинско мнозинство, односно ако за него гласаат 80 од вкупниот број пратеници во Собранието.
Откако доби „зелено светло“ од пратениците да се носи по скратена постапка, законот сега ќе оди на Комисијата за политички систем и Законодавно-правната комисија пред повторно да се најде на пленарна седница. За попладне од 18 часот веќе е закажана седница на Комисијата за политички систем на чија единствена точка од дневниот ред ќе се најде предложеното законско решение за реорганизација на министерствата.
Пред и официјално да се гласа предлог-законот да се најде на дневниот ред на денешната седница, пратениците Митко Јанчев од Левица и Оливер Спасовски од СДСМ побараа точката да се симне од дневен ред со образложение дека вакви системски закони не смеат да се носат по скратена постапка.
Предлогот на Јанчев и Спасовски не беше усвоен бидејќи доби 23 гласа „за“ и 74 „против“, без „воздржани“.
По ова следуваше гласање на кое пратениците со мнозинство од 74 гласа „за“ и 24 „против“ одлучија точката за предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за организација и работа на органите на државната
управа да биде дел од дневниот ред на втората пленарна седница.
„Овој предлог-закон ќе го разгледуваме штом ќе се создадат деловничките можности“,
рече собранискиот спикер Африм Гаши пред да ја прекине денешната седница.