За преговарачката рамка, според Уставот, надлежен орган којшто ја прифаќа или одбива е Владата, но Владата е уплашена од револтот на граѓаните и се обидува преку Собранието да амортизира и пратениците на владејачката коалиција да ги користи како алиби, како бројка за наводно прифаќање на францускиот предлог за којшто Парламентот нема надлежност, оценува пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски. Ден пред одржување на седницата за францускиот предлог, Милошоски вели дека сега расправата според собранискиот Деловник е сведена нанајнискиот ранг.
„Тоа што Бујар Османи и Ковачевски немаат храброст да го објават македонско-бугарскиот протокол и да има сериозна реална дискусија во јавноста ќе биде сведено на театрална козметика во македонското Собрание, што потоа тие ќе ја искористат за она што веќе го одлучиле да кажат „да“ на овој предлог, којшто сметаме дека е штетен и ќе донесе само ретроградни политички процеси и тензии за некаква историска ревизија во следните 10-15 години. Во секој случај, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ аргументирано ќе го разобличат овој предлог и неговата штетност и ќе биде против овој театрален обид Собранието да биде искористено како алиби за она што во понеделник или вторник Владата, Ковачевски и Османи ќе кажат „да“ за овој предлог,“
рече Милошоски.
Прашан какви заклучоци би прифатиле за тие да бидат едногласно усвоени во Собранието, Милошоски рече дека заклучоци по однос на оваа информација би имале смисла само доколку нив ги прифати Владата.
„Заклучоци по однос на оваа бенигна информација би имале смисла само доколку истите ги прифати Владата, а имаат за цел да се направи корекција, а не прифаќање на францускиот предлог. Корекција со која што од францускиот предлог ќе се исфрлат билатералниот протокол и сите други уцени, вклучувајќи ја измената на Уставот. Во таков случај би имало смисла да се градат заклучоци, а Владата да го направи обидот до Брисел и до Париз да ги искаже своите сериозни забелешки, да го одбие овој предлог и дипломатијата да се вклучи поактивно, не во барање на предлог којшто нуди можност за фотографирање во Брисел и политички кризи дома, туку предлог којшто нуди предвидливост на процесот за европеизирање на државата,“
додаде Милошоски.
Во однос на најавеното обраќање на претседателката на ЕК, Урсула Фон дер Лајен, Милошоски вели дека во моментот сме соочени со уцена што претседателка на Европската комисија, ќе се обиде да ја амортизира со убави зборови.
„Го почитуваме нејзиното време, но си го почитуваме и своето достоинство – знаеме што е добро, а што не е добро за Македонија и сметаме дека овој преседан каде што од земја членка се бара да ревидира историја и да промени Устав за воопшто да може реално да почне преговори и истите да бидат поврзани со понатамошни ревизии на учебници и на историски личности е понижувачки. Тоа не би го направиле ни Германија кон Полска, не би направила ниту Франција кон Шпанија,“
изјави Милошоски.