На новинарско прашање зошто иницијативата е поднесена заедно со Левица, со која често политички се препукуваат, Спасовски рече дека има теми на кои тие не само со оваа партија, туку и со ВМРО-ДПМНЕ, и со ДУИ, и со Алијанса немаа никакви заеднички допирни точки и околу кои и понатаму ќе се препукуваат. Но, темата за загадениот воздух и изнаоѓањето решенија за овој проблем не треба да биде една од нив
Пратениците на опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) во Собранието поднесоа иницијатива со која бараат да се одржи Надзорна расправа во парламентот во врска со загадениот воздух.

За иницијативите претпладнево на прес-конференција во Собранието информира координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, кој рече дека таа се темели на барањата на граѓаните, на невладините организации и на многу експерти кои работат на зачувување на животната средина и „најважно, врз основа на поразителните резултати коишто доаѓаат за загаденоста на воздухот“.
Според Спасовски, ваквите деловнички и законски инструменти се една од основните функции на Собранието, за да може сите да седнат на една маса и пред граѓаните да ги отворат сите прашања.
„Да разговараме какви мерки и активности се преземени од страна на владата и на другите надлежни институции. Заради тоа што ова е една од основните функции на Собранието, да преку вакви деловнички и законски инструменти, успееме да седнеме сите на една маса и пред граѓаните да ги отвориме сите прашања“,
рече тој.
Иницијативата за Надзорна расправа, како што кажа Спасовски, ја покренуваат заедно со пратеници на Левица и сметаат дека борбата против загадениот воздух може да ги обедини сите пратеници во македонскиот парламент.
„Зачувувањето на животната средина е една темелна вредност којашто е загарантирана со Уставот, а е дел од корпусот социјални, економски и културни права на граѓаните, а нè тангира и сите нас поединечно, и сите нас заедно. Токму затоа сметам дека одговорноста, пред сè на пратениците, во овој дел e заеднички да седнеме и да разговараме за решенија. Врз основа на тие решенија што ќе ги изнајдеме да произлезат активности коишто ќе придонесат за зачувувањето на животната средина“,
рече Спасовски.
Надзорната расправа како инструмент, додаде тој, ќе даде одговор на многу прашања.
„Ќе може на високо експертско ниво да се разговара со сите оние кои работат во областа, да ги чуеме мислењата на институциите, да ги видиме сите проблеми. Но најважно од сè, да се отвори конечно една ваква дебата и да преку таа дебата побараме од извршната власт да преземе конкретни мерки и активности, сè со цел граѓаните да го добијат тоа што го заслужуваат, а тоа е здрава животна средина и чист воздух“,
рече координаторот на пратеничката група на СДСМ.
Според Спасовски, ако се погледнат статистичките податоци во делот на влијанието на воздухот врз здравјето на граѓаните, за тоа колку и какви болести се развиваат како последица на нечистиот воздух, произлегуваат поразителни факти кои „мора да нè замислат сите нас“.
„Секој еден што мисли дека е одговорен политичар да застане зад оваа иницијатива“,
порача пратеникот на опозициската партија.
На новинарско прашање зошто иницијативата е поднесена заедно со Левица, со која често политички се препукуваат, Спасовски рече има теми на кои тие не само со оваа партија, туку и со ВМРО-ДПМНЕ, и со ДУИ, и со Алијанса немаа никакви заеднички допирни точки и околу кои и понатаму ќе се препукуваат. Но, темата за загадениот воздух и изнаоѓањето решенија за овој проблем не треба да биде една од нив.
„Конечно мора да бидеме на едно повисоко ниво и за одредени прашања да се обединуваме и заеднички да бараме одговори на прашањата. Така што, темата животна средина не познава политика, не познава политикантство, што е често во македонското општество и во македонското Собрание. Ова е тема на која секој еден пратеник може да се приклучи и да разговара. Мислам дека чистиот воздух не може да биде привилегија. Чистиот воздух мора да се обезбеди за секој еден граѓанин“,
изјави Спасовски.