Расправата ќе продолжи и во текот на наредните денови додека не биде исцрпена со оглед на тоа дека е голем бројот на пријавени за збор
Собраниската седница на која пратениците дискутираат за избор на Ристо Пенов за нов министер за локална самоуправа ќе продолжи утре напладне. По неколкучасовна дебата меѓу пратениците од власта и опозицијата, потпретседателот на Собранието Горан Мисовски ја прекина 88. седница и повика утре да се продолжи со дискусија.

По експозето на премиерот Димитар Ковачевски, кој ги наведе аргументите зошто поранешниот двократен скопски градоначалник е изборот за прв човек во локална самоуправа, почна расправата во која опозицијата рече дека Владата повторно прави дефокус на јавноста, додека пратениците од власта истакнаа дека Пенов е добар избор и побараа поддршка од опозициските пратеници.
Во расправата најголемата опозициска партија обвини дека Ковачевски се обидува да ја држи во живот оваа влада со како што велат инекции со истечен рок на што, пак, власта возврати дека пратениците од ВМРО- ДПМНЕ користат недоличен вокабулар.
Расправата ќе продолжи и во текот на наредните денови додека не биде исцрпена со оглед на тоа дека е голем бројот на пријавени за збор, а на истата собраниска седница чека и гласањето за избор на уставните судии Фатмир Скендер и Татјана Васиќ Бозаџиева откако претходната недела заврши расправата и за двајцата кандидати.
На дневен ред на оваа седница се и законите поврзани со мерките за справување со енергетската криза, како и измените на законот за здруженија и за политичките партии и друго.
Предлогот Пенов да биде избран за нов министер за локална самоуправа доаѓа откако неговиот сопартиец Горан Милевски поднесе оставка од функцијата од лични причини.