Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ вчера на прес-конференција во Собранието соопшти дека пратениците на опозициската партија нема да го поддржат законот за заем од ЕБОР од 25 милиони евра бидејќи се сомневаат во трошењето на средствата што Владата ги прави од вакви заеми и од самиот Буџет
Пратеникот на СДСМ во Собранието, Миле Талески во вечерашното гостување во емисијата „На прав пат“ на Алсат ги обвини колегите од опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека блокираат многу важни закони, меѓу кои и оној за заемот од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).

Според Талески, ВМРО-ДПМНЕ првин блокира закони, а потоа кога тоа им одговара ги поддржува. Како пример тој го наведе законот за локалните патишта кој опозицијата го блoкарала една ипол година, а потоа го поддржала кога освои повеќе градоначалници на локалните избори, минатата година.
„Го блокираат законот за заемот на ЕБОР, наменет за да се подобри ликвидноста на Електрани на Северна Македонија. Претседателот на комисијата за финансирање и буџет, кој е од ВМРО-ДПМНЕ не свикува седница за овој закон кој е со исклучително поволна каматна стапка“,
вели Талески.
Тој истакна дека ги повикуваат сите пратеници да го надминат теснопартискиот интерес, да излезат со конкретни предлози и мерки и да најдат заедништво.
„Затоа што во ваква ситуација најмалку ни требаат некакви блокади“,
порача пратеникот на СДСМ.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски вчера на прес-конференција во Собранието соопшти дека пратениците на опозициската партија нема да го поддржат законот за заем од ЕБОР од 25 милиони евра бидејќи се сомневаат во трошењето на средствата што Владата ги прави од вакви заеми и од самиот Буџет.