
Пратеничките на ВМРО-ДПМНЕ, Невенка Стаменковска и Жаклина Пешевска и група од 20-ина лица, утрово дојдоа пред Основниот кривичен суд во Скопје и сакаат да влезат на рочиштето за случајот ТНТ.
Пешевска е пратеничката која беше осомничена во истрагата за 27 април, но потоа против неа не беше покренато обвинение.
Во групата е и Александар Трајковски, советникот на ВМРО-ДПМНЕ во Општина Гази Баба, кој е обвинет во случајот со тепањето во Општина Центар.
Тие се пожалија на новинарите дека не ги пуштаат да влезат како јавност, но не ги пуштаат поради безбедносни причини.
Од судот, пак, велат дека судската сала е веќе исполнета во која новинарските екипи се веќе присутни како јавност.

Вчера, тројца адвокати беа казнети со по 2.000 евра бидејќи не се појавија на рочиштето, што судот го сметаше како обид за одолговлекување на постапката.
Денеска, пак, новиот адвокат што си го назначи ексградоначалникот на Гази Баба, Тони Трајковски, Јовица Страшевски, дојде на судењето. Пристигнаа и адвокатите по службена должност кои беа назначени вчера, додека казнетите Дончо Наков и Мерџан Даути не се појавија. Бранителите по службена должност вчера до крајот на работниот ден правеле увид во списите на предметот, а судот им дозволи и денеска два часа да прават увид, по што во 12 часот треба да продолжи рочиштето. За денеска е предвиден распит на обвинетите.
Во предметот ТНТ меѓу обвинетите се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, како и поранешниот градоначалник на Општина Гази Баба, Тони Трајковски.
Според обвинението на СЈО, обвинетите во 2011 година сториле кривично дело од политичка омраза со уривање на комплексот „Космос“ на Фијат Цаноски. Случајот се наоѓа во доказна постапка, а застапник на обвинението е Бурим Рустеми од СЈО.