Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека одговорноста е лоцирана, а институциите како никогаш досега презеле итни и неодлoжни мерки
Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ соопштија дека нивната пратеничка група не смета дека е потребна смена на собранискиот спикер Африм Гаши по инцидентот на скопскиот аеродром.
Од партијата велат дека одговорноста е лоцирана, а институциите како никогаш досега презеле итни и неодлoжни мерки.
„Сега има кривични пријави, а во минатото ваквите случаи беа ставани под тепих. Да потсетиме, имаше времиња кога пајаци од градски паркинг удираа полициски работници и никој со прст не мрдаше и десетици случаи од ваков тип на непостапување и безредие во владата на ДУИ и СДС. Ние докажавме дека држава има и дека законите мора да важат за секого“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека реакциите на СДСМ и Левица се обиди да ќарат политички поени на оваа тема.
„Не нè изненадуваат и очекуваме вакви и слични обиди за девијантно однесување од нивна страна и во иднина. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски изнесе јасна порака дека никој не е над законот. ВМРО-ДПМНЕ осудува и ќе осудува секогаш било какви дејствија надвор од законот и кои го нарушуваат редот, допрва ќе се уверуваат сите дека законите ќе важат подеднакво за сите“,
стои во партиското соопштение.
Претходно денеска, од опозицискиот СДСМ изјавија дека ќе му дадат поддршка на премиерот Мицкоски за итна смена на претседателот на Собранието Африм Гаши по инцидентот на скопскиот аеродром со косовската претседателка Вјоса Османи, во кој учествуваше неговиот шеф на обезбедување кој доби кривична пријава и отстранување од работното место.
Претпладнево на прес-конференција во Собранието, претседателот на Левица, Димитар Апасиев, рече дека пратеничката група на партијата денеска поднела интерпелација за работата на собранискиот спикер поради тоа што воведувал непринципиелни политики во Собранието.
Вчера началникот на Одделението за лично обезбедување на претседателот на Собранието Африм Гаши доби кривична пријава и беше отстранет од работното место по инцидентот што се случи во четвртокот на скопскиот аеродром со косовската претседателка Вјоса Османи. Од Министерството за внатрешни работи информираа дека кривичната пријава е поднесена поради постоење основи на сомнение дека лицето С.С. сторило две кривични дела – загрозување на сигурноста по член 144 од КЗ и спречување службено лице во вршење службено дејствие по член 382 од КЗ.
Инцидентот на аеродромот беше тема и при средбата меѓу косовскиот премиер Албин Курти и македонскиот Христијан Мицкоски вчера во Скопје.
На новинарско прашање дали инцидентот на Меѓународниот аеродром „Скопје“ ќе ги влоши односите помеѓу двете земји, премиерот Мицкоски рече дека два вакви слични инциденти се случиле и на 16 септември и 9 октомври минатата година, а разликата помеѓу тогаш и денес е што сега, според него, постои јавност која е информирана за разлика од минатото кога овие два случаи не биле обзнанени. Иако не сакаше да навлегува во детали за тоа што точно се случувало минатата година, Мицкоски рече дека постојат политичари кои сакаат да спечалат ситни политички поени и кои ќе се обидуваат и во иднина да влијаат негативно во меѓусебните односи помеѓу владите на двете земји, но дека нема да успеат.
„Слушав изјави дека се црвенееле некои политичари, ова не требало да се случи но истите тие претпоставувам се црвенеат од 2023 година зашто два вакви слични инциденти се случиле и на 16 септември и 9 октомври се случиле овие инциденти, кога овие политичари кои тогаш биле власт, а сега се црвенеат. Разликата е сега што има јавност, а тогаш немаше. Бидејќи оваа влада е демократска, транспарентна и не е како таа претходната која беше по принципот ‘како досега’“,
рече Мицкоски.