„Со ова надополнување на позитивната листа се опфатени лекови за висок притисок, за срцеви заболувања, антилипемици, антиагреганси, лекови за третман на депресија, како и лекот што многу често се користи кај деменции“, рече Таравари
На новата позитивна листа на лекови веќе се девет нови генерички лека, изјави денеска министерот за здравство Арбен Таравари. Според него, на иницијатива на Министерството биле ангажирани експерти во оваа област од надлежните институции. Тие работеле на законските измени, донесувањето нов правилник и ставање на новите лекови на позитивната листа.
„Се работи за 87 лекови во различни форми, јачини и пакувања што имаат активна регистрација во нашата држава. Значи, девет генерики што во нашата држава се претставени преку 87 лекови. Со ова надополнување на позитивната листа се опфатени лекови за висок притисок, за срцеви заболувања, антилипемици, антиагреганси, лекови за третман на депресија, како и лекот што многу често се користи кај деменции“,
рече Таравари.
Според него, ова е само почеток на процесот на проширување на позитивната листа. Тој ги повика сите фармацевтски компании да продолжат со нивните апликации за ставање нови лекови на позитивната листа.
На прашањето на колку пациенти ќе им се најдат овие девет нови генерички лека ставени на позитивната листа, Таравари рече дека им верува на експертите што работеле на проширувањето на листата и дека најверојатно се земени предвид бројките – колку често се јавувала потреба кај пациентите со одредени дијагнози за овие лекови.
„Меѓутоа, не само тоа. Имало сигурно и други критериуми меѓутоа генерално се придржувале (експертите н.з.) кон сите норми и стандарди што се препорачани и од Европската Унија. Не се сомневам воопшто во експертите што работеа на позитивната листа“,
додаде тој.
Според Мерием Хаџи Хамза, советничка за фармацевтска политика во Агенцијата за лекови и медицински средства, критериумите според кои се избрани лековите се според практики што се применуваат на регионално, европско и на глобално ниво.
„Почитувањето на овие критериуми не може во никој случај да предизвика ставање неквалитетни и непотребни лекови на позитивната листа. Самиот факт што кардиоваскуларните заболувања се најзастапени ја наметнува потребата овие лекови во моментов да се приоритет. Освен тоа, се работи за генерички лекови кои во овој момент ќе генерираат трошоци толку колку што Фондот за здравство може да ги покрие“,
рече таа.