Пожарот кој вчера попладне избувна во Охридско е ставен под контрола и не постои опасност од зафаќање на куќите, информира командирот на Територијалната против пожарна единица (ТППЕ) – Охрид, Борко Јанкулоски
Пожарот што вчера попладне избувна на планината кај охридските села Вапила – Расино – Сирула е ставен под котрола и нема опасност од зафаќање на куќите, информира командирот на Територијалната против пожарна единица (ТППЕ) – Охрид, Борко Јанкулоски.
Според Јанкулоски, Охридската пожарна е на терен со три возила и 10 пожарникари, а распоредени се и екипи на Национални шуми, Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи и доброволци.
„Пожарот е ставен под котрола. Се надевам дека во текот на денот ќе биде изгаснат. Не постои опасност од зафаќање на куќи“,
изјави Јанкулоски.
Според јавното претпријатие Национални шуми, зафатена е поголема површина нискостеблеста дабова шума, а направената штета дополнително ќе се проценува.
„Во моментот пожарот е ставен под контрола, но на терен остануваат дежурните екипи до негово целосно локализирање. Вкупната зафатена површина и направената штета дополнително ќе се проценуваат“,
соопштија од Национални шуми.
Градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков информира дека од утрово на терен се и екипи од сите општински јавни претпријатија, а дополнително на располагање е доставена и цистерната за вода од ЈП „Охридски комуналец“.