Според првичните проценки од Национални шуми досега со пожар беа зафатени околу 60 хектари дабова шума.
Светла точка во ситуацијата е што надлежните се надеваат дека нема да се повторат разорните слики од лани кога според податоците од Државниот завод за статистика изгореа над 11 000 хектари шума. Главната причина за тоа е што за разлика од минатата година, сега гори дабова шума со која противпожарните служби многу полесно можат да се справат
Шумскиот пожар во атарот на селата Будинарци и Митрашинци сѐ уште е активен. Екстремно високите температури и ветрот повторно ги активираа огнените јазици, иако до пладне на одредени делови беше ставен под контрола. Хеликоптерот на МВР се користи до последен момент за да помогне во гаснењето, но според проценките на надлежните, тој ќе може да лета додека не зајде сонцето.
Директорот на ЈП „Македонски шуми – Малешево“, Владо Клинчарски, вели дека на терен има над 100 луѓе кои помагаат во гаснењето на пожарот и уверен е дека огнот ќе биде ставен под контрола.
„Од 12 до 16 топлото си го направи своето, знаете, да го прошири. Но, имаме доста луѓе, околу 100 луѓе има на терен. Тоа се наши екипи од Малешево, од локалните подружници на Национални шуми, ДСЗ, ЦУК, противпожарни служби. Сѐ се активираше. Ми се чини дека нема да се дозволи да се прошири“,
вели Клинчарски за „360 Степени“.
Градоначалникот на Берово, Ѕвонко Пекевски во изјава за „360 Степени“ вели дека ветрот засега е најголем непријател во справувањето со пожарите.
„Во моментот имам информација дека се делува од воздух и даваме сѐ од себе максимално да се искористат дејствијата од воздух за пожарот да се стави целосно под контрола“,
вели Пекевски.
Тоа што за надлежните е олеснување е што за разлика од лани, сега гори дабова шума. Во такви услови службите многу полесно можат да се справат со огнената стихија.
„Интензитетот е ист, само среќа во целата несреќа е што шумата е дабова и не гори исто како што гори боровата шума. Полесно се делува во таква шума. Ризик имаше на едно место кое е сега зафатено и кое практично граничи со борова шума, ако влезеше пожарот многу потешко ќе можеше да се стави под контрола“,
вели Пекевски додавајќи дека уште утрината било спречено огнот да се прошири кон боровата шума.
Во Делчево, пак, пожар избувна во куќа и изгореа помошен објект и вториот кат од куќата. Градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски за „360 Степени“ вели дека пожарот е изгаснат , а причинета е само материјална штета. Сега гори депонија во близина на градот која се користи за градежен шут.
„Еве сега добив информација, изгасена е куќата. Помошен објект и втор спрат од куќа е зафатен, но е изгасен тој пожар. На теротирија на општина Делчево имаме дел од депонијата за градежен шут. Меѓутоа, таму населението исфрла и комунален отпад и се има запалено дел, сега се префрлаат екипите таму да гасат. Ова не е главната депонија, туку депонија за градежен шут“,
вели Трајковски.
Вчера во Делчево гореше шума во близина на селото Разловци, но тој е веќе изгаснат.
Според првичните проценки од Национални шуми досега со пожар беа зафатени околу 60 хектари дабова шума.
Попладнево пожар беше регистриран и кај месноста Скараница, Виничко. Центарот за управување со кризи информираше пожарот бил изгасен за неколку часа од страна на пожарникарите од Виница и локалното население. Во пожарот изгореа 10 до 15 хектари мешана шума и трева, како и еден овоштарник со сливи. Дежурна екипа на пожарникарите од Виница ќе патролира за да не се дозволи огнот повторно да се разгори.
Светла точка во ситуацијата е што надлежните се надеваат дека нема да се повторат разорните слики од лани кога според податоците од Државниот завод за статистика изгореа над 11 000 хектари шума. Главната причина за тоа е што за разлика од минатата година, сега гори дабова шума со која противпожарните служби многу полесно можат да се справат.