Пожарот е целосно изгаснат, а во модуларната болница изгореа сите простории
Пожарникарите и противпожарните возила постепено се повлекуваат од кругот на тетовската болница, каде што вечерва изгоре модуларниот објект, во кој беа хоспитализирани болни од ковид-19, јави репортерот на „360 степени“ од терен.

Пожарот е целосно изгаснат, а во модуларната болница изгореа сите простории.
Во изгорените простории на болницата моментно влегува полиција.
Причините за пожарот што го зафати ковид-центарот допрва ќе се истражуваат.
Засега нема ниту официјална информација за точната бројка на починати и за повредени, освен потврдата што дојде од Министерството за здравство дека има жртви и дека се утврдува состојбата со повредените.
Во кругот на болницата има многу роднини на лица кои биле хоспитализирани во ковид-центарот. Поради метежот што настана, интервенираше и полицијата за да ги оддалечи луѓето кои бараат информациите за состојбата на нивните блиски.
На местото на несреќата присутни се и припадници на армијата.
Во болницата пристигнаа и премиерот Зоран Заев и министерот за здравство Венко Филипче, ама влегоа од споредниот влез, а моментно, според информациите, се на состанок во Кризниот штаб на Тетово.