Според МВР, утринава од 06:30 часот од кровот на зградата биле симнати повеќе станари и ниту еден од нив немал повреди
Неколкумина станари, еден пожарникар и еден полициски службеник утринава побарале медицинска помош во комплексот клиники „Мајка Тереза“ откако вдишале чад од пожарот што во текот на ноќта избувнал во подрумски простории во зграда во скопски Чаир, информираат од Министерството за внатрешни работи (МВР).
Според МВР, утрово во 06:30 часот од кровот на зградата биле симнати повеќе станари и ниту еден од нив немал повреди.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) ја пренесуваат информацијата од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) на Скопје од каде што велат дека во текот на ноќта, во 01:50 часот добиле пријава за пожар во запален магацин на неутврдена површина на улицата „Прохор Пчински“ во Скопје.
Во гаснењето на пожарот, кој зафатил и дуќани, интервенирале 20 пожарникари со седум противпожарни возила.
Од противпожарната единица потврдуваат дека еден пожарникар бил однесен на Токсикологија поради големо количество вдишан чад при интервенција во Општина Чаир.
Пожарникарите во текот на интервенцијата ги евакуирале станарите од зградата.
Од МВР велат дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На социјалните мрежи се шири видео на кое се гледа како од зграда се шири густ чад и пожарникарско возило со посебни скали за евакуирање на станарите.