Во гаснење на пожарот интервенираат 195 пожарникари со седум пешадиски тимови и 48 возила, два авиона и два хеликоптера, а помагаат волонтери пожарникари и цистерни од општините
За 24 часа, заклучно со синоќа, во Грција се регистрирани 53 шумски пожари
Ситуацијата со пожарот што вчера избувна во западниот дел на Пелопонез утрово е подобрена, но синоќа, превентивно се евакуирани жителите на четири села, јави МИА од Атина.
Според грчката противпожарна служба, во гаснење на пожарот интервенираат 195 пожарникари со седум пешадиски тимови и 48 возила, два авиона и два хеликоптера, а помагаат волонтери пожарникари и цистерни од општините.
По препорака на противпожарните служби, вчера, преку бројот за итни случаи 112, испратена е порака до жителите на четири села, превентивно да се евакуираат.
Исто како и вчера, така и денеска, висока е опасноста од пожари во повеќе делови на Грција.
За 24 часа, заклучно со синоќа, во земјата се регистрирани 53 шумски пожари.
Во текот на викендот во Грција пристигнаа пожарникари од Романија и Бугарија, дел од европската пилот програмата во која учествуваат над 200 пожарникари од шест европски земји, кои летово ќе им помагаат на нивните грчки колеги во гаснењето на пожарите.
Пожарникарите од Романија пристигнаа во Атина, а Бугарите се распределени во градот Лариса.
Во периодот јули-август пожарникари од Бугарија, Романија, Германија, Франција, Финска и Норвешка ќе бидат лоцирани и распоредени во Грција за да помогнат во противпожарната заштита и во размената на знаење и искуство со нивните грчки колеги.