Просторот кој го зафаќа пожарот е над 50 хектари и се движи во правец на селото Рајчице, во дел на непристапен широк шумски појас. Кон пожарот се полетани трите „ертрактори“ на ДЗС, како и еден хеликоптер на МВР и во секој момент ќе започнат со дејство, информираат од ЦУК

Трите „ертрактори“ на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) и еден хеликоптер на МВР ќе се активираат во гаснење на пожар кај селото Соколарци, во Општина Чешиново, Облешево.
Според директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов, „ертракторите“ и полицискиот хеликоптер ќе се вклучат во гаснењето поради опасност пожарот да се рашири кон населено место и да навлезе во висококвалитетна шума.
„Три екипи на територијалната противпожарна единица од Кочани итно се упатени на терен, а повикани се и екипи на доброволното противпожарно друштво од градот. Просторот кој го зафаќа пожарот е над 50 хектари и во моментот се движи во правец на селото Рајчице, во дел на непристапен широк шумски појас. Поради опасност пожарот да се приближи кон населено место или да навлезе во висококвалитетна шума кон пожарот се полетани трите ‘ертрактори’ на ДЗС како и еден хеликоптер на МВР и во секој момент ќе започнат со дејство“,
информира Ангелов.

Според информациите од Центарот за управување со кризи, кои повеќепати добиле пријава од граѓани на единствениот повикувачки број за итни повици 112, пожарот е во близина на манастирот „Св. Ѓорѓи“, каде што горат трева, грмушки и нискостеблеста деградирана шума.
„На терен сме со две возила и десет пожарникари волонтери како поддршка на професионалните пожарникари од Територијалната противпожарна единица, кои дојдоа со три возила. Пожарот зафатил поголема површина, а со оглед на стрмниот и тешко пристапен терен, интервенцијата е отежната. Пламените јазици се и во околината на спомен-паркот Свиланово, а во моментот наш приоритет е да спречиме нивно проширување кон помошни земјоделски објекти, како и во околината на манастирот ‘Св. Ѓорѓи’ кај селото Соколарци“,
вели Златко Илијев, претседател на Доброволното противпожарно друштво.
