Дваесетина сведоци, повеќето новинари и уредници, попладнето во Основниот кривичен суд во Скопје зборуваа за масовното прислушување во земјава во периодот од 2008 до 2015. Тие беа повикани како сведоци – оштетени во еден од наважните предмети кои своевремено ги отвори Специјалното јавно обвинителство (СЈО), „Таргет-Тврдина“.
Каде работеле, дали имале сомнежи и како дознале дека се таргет на прислушувањето, но и дали се чувствуваат оштетени, се околностите на кои ги прашуваше обвинителката Ленче Ристоска, која на рочиштето беше придружувана од колегата Трајче Пеливанов.
Прес-конференцијата во 2015 година кога лидерот на СДСМ Зоран Заев им ги поделил папките „Вистината за Македонија“ со транскрипти од нивни разговори и СМС комуникација, сите ја посочија како момент кога ги добиле или им се потврдиле сознанијата дека се прислушувани.
Дел од нив споделија и моменти од претходно кога се сомневале дека некој трет ги слуша.
„Во одредени моменти кога имаше трохирање на комуникацијата, знаевме да се пошегуваме со колегите со кои разговарав на телефон и да кажеме ’поздрав до третиот во разговорот’“,
рече новинарката Душица Мрѓа.
И Горан Михајловски, кој беше главен и одговорен уредник на сега згаснатиот весник „Вест“, рече сомнежи кај него се јавиле за изборите во 2013 година.

„Имав сомнежи дека ме следат на некој начин, бидејќи во периодот на изборите во 2013 година се случувало за работи за кои сум комуницирал, другиот ден да добијам повик од менаџментот и да ме предупреди за нешто што сум зборувал по телефон, да не се објавува или ако се објави да се спушти малку топката“,
рече Михајловски.
Уредничката во „Фокус“, Јадранка Костова, пак, рече дека се сомнева оти преку прислушувањето и ја дознале „слабата точка“ и таму ја напаѓале.
„Имаше 10-ина тужби во периодот од 2011 до 2013 година. Мојот сомнеж, кога дознав за прислушувањето, е дека некој знаел дека сето тоа крајно ме иритира и барав од Никола Младенов да постави друг главен уредник. Мојот сомнеж е дека преку прислушувањето се мултиплицираа тужбите, со цел вршење на класичен мобинг“,
сведочеше Костова.
Изворите на информации се плашат
Сите новинари и уредници кои денеска сведочеа рекоа дека се чувствуваат оштетени и оти ќе бараат отштета. Повеќето кои зборуваа за тоа каква штета претрпеле се фокусираа на професионален план.

Новинарката Сашка Цветковска рече дека кога почнала да се занимава со новинарство била свесна за ризикот кој го носи професијата на приватен план, па затоа ги нагласи последиците кои ги имала на професионален план посочувајќи дека работата и била лимитирана, имало малку работа со оглед на тоа што се соочиле со (не)транспарентноста на институции, но и со пронаоѓање на луѓе-новинари кои ќе истражуваат криминал и корупција.
Мрѓа и Михајловски, пак, го нагласија стравот кај изворите на информации.
„Овој процес сериозно нанесе штета на нашата работа, луѓето – нашите избори, не сакаа да зборуваат на телефон, не се чувствуваа безбедно, дури и официјални политичари“,
рече Мрѓа.
Чувството на несигурност кај соговорниците – изворите го потенцираше Михајловски велејќи дека и ден денес тие се плашат да зборуваат на телефон и бараат средба насамо и во живо.
Новинарите и уредниците ја потврдија и автентичноста на разговорите. Младен Чадиковски, кој во периодот на прислушувањето работел како уредник во А1 ТВ и во весникот „Фокус“ рече дека е може да ја потврди автентичноста, а истото го посочи и новинарот и уредник Васко Попетревски.
„Дознав дека сум прислушуван кога тогашниот лидер на опозицијата (Зоран Заев) почна да објавува разговори и бев повикан, мислам групно со повеќе колеги, на прес-конференција каде ни дадоа транскрипти од разговорите. Тоа што го видов беше автентично, мои разговори“,
сведочеше Попетревски.
Во судница денеска се слушаа и сведочењата на новинарите и уредниците: Оливера Трајковска, Сашо Ордановски, Среќко Поповски, Борјан Јовановски, Билјана Секуловска, Катерина Арсовска-Цаневска и Саше Димовски.
Покрај нив сведочеа и неколку функционери кои биле таргети: поранешниот министер и пратеник Горан Сугарески, актуелниот градоначалник на Центар Саша Богдановиќ и експратеничката Фросина Ременски и нејзиниот сопруг Јовче Ременски, кој во тој период беше вработен во УБК.

И на наредното рочиште, закажано за 30 септември, ќе се сослушаат 20-тина сведоци – оштетени, меѓу кои има новинари, адвокати и истакнати личности од јавниот политичко-општествен живот во земјава.
Обвинетата Гордана Јанкулоска да биде додадена на листата жртви – оштетени
Во текот на денешното рочиште, адвокат Љупчо Шврговски поднесе писмен предлог до судот на листата жртви – оштетени да ја додадат и ексминистерката Гордана Јанкулоска, која е и обвинета во случајот.
Покрај Јанкулоска, обвинети во „Таргет-Тврдина“ се и бившиот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков, неговиот шеф на кабинет Тони Јакимовски, началникот на Петтата управа Горан Грујевски, ексразузнавачот Никола Бошковски и уште неколку лица вработени во УБК.
Случајот сега е во рацете на редовното обвинителство кое ги презема предметите од згаснатото СЈО.
Според обвинението, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година, незаконски биле следени 4 286 телефонски броја за кои воопшто не биле издадени судски наредби. На 1 541 број, пак, комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби. Или, вкупно биле прислушувани 5 827 телефонски броја. Прислушувањето, според обвинителството, опфатило над 20 илјади граѓани.