Во Полициската станица во Кавадарци било пријавено дека на електронска адреса на пет училишта, две средни и три основни во градот, е упатена закана за поставена експлозивна направа

Денеска, околу 7 часот стигнати се дојави за поставени бомби во пет училишта во Кавадарци.
„Денеска околу седум часот во Полициска станица Кавадарци било пријавено дека на електронска адреса на пет училишта, две средни и три основни во Кавадарци, е упатена закана за поставена експлозивна направа. Веднаш по добиената пријава, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на училиштата и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случајот“,
информира портпаролот на СВР Велес, Ристе Самарџиев.
Градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев на својот фејсбук-профил објави дека станува збор за училиштата ,,Тоде Хаџи Тефов’’ Кавадарци, и подрачно училиште во село Бегниште, ,,Димката Ангелов Габерот’’ Кавадарци и подрачното училиште во село Сопот, ,,Страшо Пинџур’’ Кавадарци, и подрачните училишта во селата Марена, Возарци и Дреново, СОУ Гимназија ,,Добри Даскалов’’ Кавадарци, СОЗШУ ,,Ѓорче Петров” и СОУ ,,Ќиро Спанџов Брко’’.
„Освен училиштата, во село Марена евакуирана е и градинката, заради непосредната близина на подрачното училиште“,
наведува Јанчев.
Ова е третпат да има дојави за поставени бомби во основни училишта, а вторпат цел се училишта надвор од Скопје.
По неколку дена пауза, минатата недела повторно училишта во главниот град на своите електронски адреси добија дојави за поставени бомби во своите објекти.
Скопските средни училишта изминатиот период повеќепати добиваа закани за поставени бомби, за кои полицијата утврди оти се лажни.
Минатата недела и дојавите за поставени бомби во основните училишта полицијата рече дека се лажни.
Според министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, дојавите за поставени бомби најчесто се пратени преку заштитени адреси од странство за кои не се добиваат лесно факти, податоци и информации.
„Извршена е комуникација и со партнерските земји и со Интерпол, Европол и сите други. Станува збор за ВПН-конекции кои се од Швајцарија и за тоа ќе треба преку меѓународна помош да се добијат тие информации бидејќи државите не сакаат да ги споделуваат информациите и не може да се дојде до брз одговор“,
вели Спасовски.
Тој додава дека дојавите за бомби се веќе многу распространети, не само кај нас туку и во соседството.
„Сето тоа се зголеми по инвазијата на Русија врз Украина“,
додава министерот.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски серијата лажни дојави за бомби во училишта во Скопје ги окарактеризира како терористички акт.