До 7 јуни течат новите јавни огласи што ги распиша Собранието за избор на членови на Програмскиот совет на јавниот сервис и на Советот на Агенцијата за медиуми, кои потоа ќе треба да изберат и нови директори на двете институции
Течат јавните огласи за избор на нови членови на советите на Македонската радио-телевизија (МРТ) и на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги (АВМУ), кои Собранието ги распиша на 5 овој месец, со траење од 30 дена од објавувањето на одлуките во „Службен весник“ – на 7 мај.
Претседателот на собраниската Комисија за избори и именувања, Коста Костадинов, вели за „360 степени“ дека, по завршувањето на конкурсот следниот месец, веднаш ќе свика јавна расправа, за кандидатите да може да ги претстават своите платформи.
Новите членови на советите на МРТ и на АВМУ треба да бидат избрани со двотретинско мнозинство и во матичната комисија и во собранискиот пленум. Всушност, законската одредба, која предвидува најмалку 80 пратеници да гласаат за избор на членовите на МРТ и на АВМУ, е причината поради која веќе неколку години се одолговлекува изборот на новите раководства на јавниот сервис и на Агенцијата, кои потоа треба да изберат и нови директори на двете институции. Во меѓувреме, со МРТ и со АВМУ раководат совети на кои во неколку наврати, со „законски маневри“, им се продолжуваат мандатите.
„Постојните членови на Советот и директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, како и членовите на Програмскиот совет и директорот и заменик на директорот на МРТ ја вршат функцијата до изборот на членови на Советот и директор на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, како и членови на Програмскиот совет и директор и заменик на директор на МРТ,“
според членот 43 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
Пред извесно време не успеа обидот на група пратеници од мнозинство да издејствува законски измени за намалување на потребното мнозинство од 80 на 61 глас. Под притисок на јавноста, предлог-измените беа повлечени, така што и овој пат станува неизвесноста дали распишаниот оглас ќе резултира со смена на раководните структури во јавниот сервис и во АВМУ.
Од пратеничката група на СДСМ велат дека се надеваат дека овој пат опозицијата ќе овозможи да се изберат нови членови на двата совета, кои ќе бидат професионални и компетентни и ќе понудат најиздржани програми за работа. Во спротивно, како што најавуваат, мнозинството веројатно ќе треба предложи измени на Законот за аудиовизуелни услуги, со цел да се намали мнозинството за избор на членови на советите.
Одлуките за обновување на постапката за избор на членови на раководните тела на МРТ и на АВМУ следуваат по средбата на премиерот Зоран Заев со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, на која, меѓу другото, беше договорена деблокада на одредени законски решенија. Предлагачи на предлог-одлуките за распишување на огласите се координаторите на владејачките СДСМ и ДУИ, Јован Митревски и Арбер Адеми. Сепак, одлуките се донесени со 77 гласа „за“ и без гласови „против“ или „воздржани“, што значи дека имало поддршка и од опозицијата.
Марјан Цветковски е директор на МРТ од 2012 година, кога мнозинството во Собранието, како основач на јавниот сервис, го имаа ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Со оглед на тоа што во меѓу време беше сменет Законот за аудио и аудиовизуелни услуги, така што се предвиде двотретинско мнозинство и јавно претставување на платформите, претходниот, но и сегашниот состав на парламентот (барем досега) не успеа да го смени Програмскиот совет, кој го избира директорот на МРТ.
Во почетокот на годинава, досегашниот Програмски совет на МРТ се обиде да го реизбере Цветковски за директор, ама седницата што беше закажана со таа намена беше одложена, по реакции дека одлуката би била незаконска, затоа што станува збор за тело со продолжен мандат.
Членовите на Советот на АВМУ, пак, Собранието ги избра на функциите јули 2014 година, со мандат од пет години, по што тие во октомври истата година го избраа Зоран Трајчевски за директор на Агенцијата.
Во почетокот на 2019 година претходниот собраниски состав распиша оглас за избор на членови на раководните органи на МРТ и на АВМУ. За 13 места во Програмски совет се пријавија 19 кандидати, а за седум места во Советот на Агенцијата за медиуми имаше 28 кандидати. Но Комисија за избори и именувања не успеа да утврди листа на предлози за членови на Програмски совет и на Советот на АВМУ. Тогашниот претседател на собраниската Комисијата за избори и именувања, Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ, не закажуваше седница без претходно да има консензус меѓу власта и опозицијата за овие кадровски прашања.