Директорот на СОЗР додаде дека во оваа смисла логистички е ангажирано Министерството за надворешни работи и надворешна трговија кое преку амбасадите и конзуларните претставништва во земјите каде што се лекуваат повредените ги собира трансакциските сметки и согласностите на засегнатите за оваа намена. Веќе од понеделник, како што додаде, Црвениот крст ќе почне со исплатата на предвидените средства
На секој од повредените во пожарот во Кочани ќе му бидат доделени по 150 илјади денари (околу 2 500 евра) како итна финансиска помош за покривање на почетните секојдневни трошоци. Ова денеска на прес-конференција го најави директорот на владината Служба за општи и заеднички работи (СОЗР), Ивица Томовски.

„Свесни сме дека оваа трагедија донесе неочекувани финансиски тешкотии. Затоа, како институција вклучена во овој процес, донесовме одлука за секој настрадан да биде исплатена сума од 150 000 денари како итна финансиска помош за покривање на почетните секојдневни трошоци“,
изјави директорот на СОЗР на денешната прес-конференција во Владата.
Помошта ќе се реализира преку Црвениот крст на Македонија.
Томовски додаде дека во оваа смисла логистички е ангажирано Министерството за надворешни работи и надворешна трговија преку амбасадите и конзуларните претставништва во земјите каде што се лекуваат повредените ги собира трансакциските сметки и согласностите на засегнатите за оваа намена. Веќе од понеделник, како што додаде, Црвениот крст ќе почне со исплатата на предвидените средства.
Црвениот крст на Македонија утринава информира дека до тој момент се собрани 51 822 579 денари за помош на настраданите во пожарот во Кочани и дека почнува фазата на исплата на средствата за погодените.
Директорот на СОЗР повтори дека лекувањето на пациентите во странство е на трошок на државата, а оти сместувањето и другите трошоци за семејствата ги покрива Владата. Покриени ќе бидат трошоците за две лица кои се во придружба на повредените.