Според првичните информации, повреденото лице е германски државјанин и е транспортирано во приватната клиника „Жан Митрев“ во Скопје
Германски параглајдерист е успешно транспортиран со полициски хеликоптер од Крушево во болницата „Жан Митрев“ во Скопје, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК) попладнево. Оттаму соопштија дека денеска околу шест часот и десет минути на бројот за итни случаи 112 е добиена пријава за тешко повредено лице. Германецот има отворена скршеница на едната нога и како што велат од ЦУК, веројатна повреда на ‘рбетот.
„Лицето се наоѓаше на полетиштето за параглајдери пред Мечкин Камин во Крушево“,
велат од ЦУК.
Оттаму велат дека поради сериозноста на повредите, од екипата на итната медицинска помош и од градоначалникот на Крушево е побаран итен хеликоптерски транспорт, на што од страна на надлежните институции било одговорено позитивно.
Низ текот на изминатите месеци имаше неколку ситауции кога полициски хеликоптери транспортираа повредени лица, а последен во низата беше случајот со 68-годишна туристка од Чешка која имала скршеница на ногата која беше спасена на Галичица на околу 2 000 метри надморска височина. На жената прво ѝ беше дадена итна медицинска помош на самото место, а потоа со интервентен хеликоптерски превоз на МВР беше пренесена до најблиското место за давање соодветен медицински третман.