Драмата се одвивала на Галичица, на околу 2 000 метри надморска височина, а во акцијата учествувале спасителите од Планинската спасителна служба при Црвениот крст од Охрид
Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека во, како што велат, драматична комбинирана акција и од воздух и од земја, денеска е спасена 68-годишна туристка од Чешка која имала скршеница на ногата.
Драмата се одвивала на Галичица, на околу 2 000 метри надморска височина, а во акцијата учествувале спасителите од Планинската спасителна служба при Црвениот крст од Охрид.
На жената прво ѝ била дадена итна медицинска помош на самото место, а потоа со интервентен хеликоптерски превоз на МВР е пренесена до најблиското место за давање соодветен медицински третман.
„Спасителната акција се одвивала буквално во временски меѓупростор на транспорт на доброволци и вода при гаснење пожар на планината Галичица, по што храбрите доброволни спасители од Охрид и пилотите на МВР се вратија на гаснење на големиот пожар на планината“,
велат од ЦУК.
Според ЦУК, токму охридските спасители што ја спасиле туристката, деновиве постојано гаснат пожари на тешко пристапен терен, каде што се носат со хеликоптер на МВР.
„Немале со себе адекватна медицинска опрема, но заради брзината на дејство со хеликоптерот на МВР, веднаш дел од доброволните спасители отишле на местото на несреќата и со импровизирани средства извршиле имобилизација на повредената повозрасна туристка од Чешка, а потоа и нејзино носење до точката каде што можеле да ја стават во хеликоптерот на МВР“,
соопшти ЦУК.
Повредената жена е згрижена во специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Свети Еразмо“ – Охрид.