Претходно, Вучиќ на средбата со претставници на Србите од Косово изјави дека се дадени гаранции дека нивните барања за отстранување на барикадите ќе бидат исполнети. Српскиот претседател, кој разговараше со претставници на Србите во касарната на Војската на Србија во Рашка, во близина на границата со Косово, рече дека е исполнето и нивното барање – луѓето кои беа на барикадите да не се гонат и процесуираат
Српскиот претседател Александар Вучиќ по средбата со косовските Срби изјави дека отстранувањето на барикадите на северот на Косово ќе започне во утринските часови на 29 декември.
„Од утре (29 декември) претпладне почнува отстранувањето на барикадите. Тоа не може да се направи за два часа, дали за 24 или за 48 часа, барикадите ќе бидат отстарнети, но недовербата не е отстранета. Тие што мислат дека можат да си играат со животите на Србите и нивниот опстанок, тие треба да знаат дека, како што до сега не сме дозволиле сите заедно, а особено вие, нема да дозволиме ниту во иднина“,
рече Вучиќ, пренесува РТС.

Тој изјави дека имале тешки разговори, но дека биле многу искрени.
Вучиќ во своето обраќање прочита и текст од писмото што му го врачиле Србите од барикадите кои, како што објави, рекле дека не сакаат да одат против својата земја, но дека бараат никогаш да не се признае самопрогласената независност на Косово.
Претходно, српскиот претседател на средбата со претставници на Србите од Косово изјави дека се дадени гаранции дека нивните барања за отстранување на барикадите ќе бидат исполнети, пренесе регионалниот сервис на РСЕ.
За време на средбата вечерва, Вучиќ изјави дека поранешниот полицаец Дејан Пантиќ „пристигнал дома“ во Северна Митровица, каде што ќе биде во домашен притвор.
Вучиќ тоа го нарече „мала тактичка победа“.
Апсењето на Пантиќ, кого косовските власти го уапсија под сомнение дека учестувал во напад на членовите на Централната изборна комисија, беше причина за барикадите што српските претставници ги поставија на северот на Косово на 10 декември.
Неговото ослободување е еден од условите за отстранување на блокадите, а судските власти на Косово денеска донесоа одлука со која му ја заменија мерката притвор со куќен притвор.
Вучиќ, кој разговараше со претставници на Србите во касарната на Војската на Србија во Рашка, во близина на границата со Косово, рече дека е исполнето и нивното второ барање – „луѓето кои беа на барикадите да не се гонат и процесуираат“.
„Тоа го имаме напишано недвосмислено“,
посочи тој.
Говорејќи за барањето на Србите да не дозволат влез на косовските специјалци на север, тој ја спомена изјавата на мисијата на НАТО (КФОР) дадена денеска.
Мисијата на НАТО на Косово – КФОР денеска побара да се избегнат потези кои би можеле да доведат до ескалација на тензиите на Косово.
„Имаме посебен документ кој им дава права и на српскиот народ на северот на Косово и на државата Србија, но, исто така, наметнува обврска на КФОР да го спречи влегувањето на косовските безбедносни сили на север за прв пат“,
рече Вучиќ.
„Можеме ли да веруваме во сè и дали сме сигурни како Курти (косовскиот премиер Албин Курти) или некој друг ќе се однесува, не сум. Дали им верувам, не. И што друго?“,
праша Вучиќ.
Одговарајќи на прашања на граѓаните, тој рече дека барикадите „послужиле барем еден збор да се слушне за тешката состојба на Србите“, и покрај тоа што „служеле за жестоки напади врз Србија“.
„Резултатот што го добивме е резултат на борбата на луѓето кои излегоа на барикадите“,
рече тој.
По првиот дел, разговорите на Вучиќ со претставници на косовските Срби продолжија без присуство на новинари, кои ја напуштија салата кога учесниците на барикадите пристигнаа во касарната во Рашка.
Заедно со Вучиќ на средбата со претставниците на Србите се и министерот за одбрана на Србија, Милош Вучевиќ, началникот на Генералштабот на војската на Србија, Милан Мојсиловиќ и директорот на Канцеларијата на Владата на Србија за Косово, Петар Петковиќ.
Пред разговорите, Вучиќ за телевизијата Пинк изјави дека „ќе ја прифати секоја одлука“ на косовските Срби во врска со барикадите.
Шефот на Канцеларијата за Косово во Владата на Србија, Петар Петковиќ, претходно денеска изјави дека се добиени „најсилните досега“ гаранции од САД и Европската унија во врска со барањата на Србите за нивно повлекување од барикадите подигнати на северот на Косово.
Тој изјави и дека претседателот на Србија побарал од претставниците на Србите да се повлечат од барикадите.
Претседателот на Српска листа, водечката партија на Србите на Косово, Горан Ракиќ претходно денеска изјави дека Србите одбиваат да се повлечат од барикадите, иако српскиот претседател смета дека тоа би било добро.
Тој го изјави ова по првите разговори меѓу политичките претставници на Србите од Косово и претседателот на Србија денеска попладне и го покани Вучиќ да дојде во Рашка и да го „слушне народот од барикадите“.
Ракиќ додаде дека на таа средба претставниците на Србите ќе ги изнесат своите барања.
Од шесте гранични премини меѓу Србија и Косово, три беа затворени поради барикади.
Последната барикада беше поставена вчера во близина на граничниот премин „Мердаре“ на територијата на Србија.
Властите во Косово претходно објавија дека зад барикадите стојат криминални групи кои се под заштита на Белград.