Одлуката за импичмент може да помина ако биде поддржана со две третини од гласовите на сенаторите, за што треба да гласаат 17 републиканци, што е малку веројатно
Мнозинство од републиканците во Сенатот се против отповикување на Доналд Трамп.
И покрај тоа што мнозинство сенатори – 55, меѓу кои сите демократи и уште неколку републиканци, синоќа гласаа за почеток на процесот во Сенатот, голем дел од републиканците нема да поддржат отповикување на доскорешниот претседател.
Со ова, мали се шансите тој да биде осуден во Сенатот поради предизвикување на бунт, како што гласи одредбата од импичментот претходно изгласан од Претставничкиот дом.
Судење, сепак, ќе има, откако беше отфрлено барањето на републиканецот Ренд Пол дека идејата за импичмент на поранешен претседател е неуставна. Процесот против Трамп во Сенатот треба да се отвори на почетокот на февруари.
Демократите подготвуваат разновиден видео и аудиоматеријал како доказ.
Тие го обвинуваат Трамп дека на 6 јануари 2020 година ги поттикнал нередите во главниот законодавен дом на САД, при што загинаа пет лица. Тој тогаш ги повика своите приврзаници „да се борат со сета сила“ и да „одат на Капитол“, како протест против резултатите од изборите на кои победа извојува демократскиот кандидат Џо Бајден.
Одлуката за импичмент на Трамп може да помина ако биде поддржана од две третини од гласовите на сенаторите, или за тоа треба да гласаат 17 републиканци. Тоа е малку веројатно, со оглед на расположението во Горниот дом на американскиот Конгрес. Против импичмент се и оние републиканци кои претходни ги осудија постапките на Трамп.
Републиканскиот сенатор Џон Корнин смета дека овој процес може да стане опасен преседан дури и за демократите. Линдзи Грем претходно укажа дека нема смисла да им биде судено на бивши претседатели.
„Замислете сега Џорџ Вашингтон да биде суден затоа што поседувал робови“,
рече Грем.