Водечки авиокомпании, банки, телекомуникациски компании и медиуми ширум светот вчера беа блокирани поради прекини во ИТ-мрежите
Околу 8,5 милиони компјутери ширум светот биле оневозможени поради глобалниот прекин на ИТ-мрежите, пренесува Би-Би-Си, повикувајќи се на изјава од „Мајкрософт“.
Во написот, како што посочува потпретседателот во компанијата, Дејвид Вестон се вели дека оваа бројка е помала од 1% од сите „Виндоус“ уреди ширум светот, но дека „широките економски и општествени влијанија ја одразуваат употребата на ’Краудстрајк’ од страна на претпријатијата кои управуваат со многу критични услуги“.

Технолошкиот гигант кој сакаше да истакне дека ова не е проблем со нивниот софтвер – вели дека инцидентот нагласува колку е важно компаниите како „Краудстрајк“ да користат проверки за контрола на квалитетот на ажурирањата пред да ги испратат.
Водечки авиокомпании, банки, телекомуникациски компании и медиуми ширум светот вчера беа блокирани поради прекини во ИТ-мрежите.

Американската Федерална управа за авијација вчера соопшти дека сите летови на неколку големи американски авиокомпании – вклучувајќи ги „Делта“, „Јунајтед“ и „Американ ерлајнс“ – се откажани поради комуникациски проблеми. Авиосообраќајот на аеродромот во главниот град на Германија, Берлин, бил запрен до 9 часот по средноевропско време. Сите аеродроми во Шпанија, исто така, пријавиле инциденти поради технички проблеми, а проблеми беа пријавени и на аеродромот во Амстердам.
Според информациите кои се достапни досега, проблемот е предизвикан од лоша надградба на софтверот од страна на компанијата за сајбер безбедност „Краудстрајк“.
Извршниот директор на „Краудстрајк“, Џорџ Курц, во објава на платформата „Икс“ рече дека настанот не бил безбедносен инцидент или сајбер-напад и дека „најдено е решение“. Тој подоцна се извини за хаосот што го предизвика компанијата.
Според проценките станува збор за досега најголемиот сајбер-инцидент кој се случил во светски рамки.