Филипче посочи дека од вчера нема место во инфективните одделенија во болниците во Куманово, Струмица и Велес. Пациентите од овие градови се испраќаат на Инфективната клиника во Скопје, каде има уште десетина слободни кревети
Министерството за здравство информира дека на Инфективната клиника во изминативе 24 часа примени се 13 пациенти. Вкупно се хоспитализирани 86 пациенти. На кислородна поддршка се 55 пациенти, нема пациенти на механичка вентилација.
Во болницата во Козле хоспитализирани се 4 деца и 4 родители позитивни на ковид-19, а нема хоспитализирани суспектни на вирусот.
Во ГОБ „8 Септември“ примени се 5, а вкупно хоспитализирани се 45 пациенти. На респиратор се 6 пациенти.
Во болницата во Битола се хоспитализирани 24, а во болницата во Штип се 45 пациенти. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово, Прилеп, Гостивар, Струмица, Струга и Кочани се хоспитализирани 200, позитивни и сомнителни на Ковид-19.
Вкупно на инфективните одделенија има 408 пациенти болни и сомнителни на ковид-19.
Министерот за здравство, Венко Филипче денеска повтори дека бројот на хоспитализирани се зголемува и дека повеќе пациенти се примаат во болница, отколку што се отпуштаат и апелираше да се почитуваат мерките за заштита за да се издржи ударот врз здравствениот систем.
Тој рече дека вчера немало слободно место во болниците во Куманово, Струмица и Велес и дека пациенти од овие градови биле испратени на Инфективната клиника во Скопје, каде слободните места се при крај.
„Се пополнува капацитетот во сите инфективни оделенија, не така брзо во Скопје, меѓутоа насекаде во државата. Во текот на вчерашниот ден немаше слободни места во Куманово, во Струмица, во Велес и тие пациенти беа препраќани во Скопје. Пет пациенти се примени во „8 Септември”, 13 на Инфективната клиника. Таму има слободни уште десетина места и ја спремаме модуларната болница со цел да се намали притисокот кон болницата „8 Септември” за да може другите пациенти да добиваат здравствена услуга. Може да се менаџираат болниците, имаме слободни кревети на Инфективната клиника, но целта е овој растечки тренд да го забавиме“,
рече Филипче.
Додека болниците се полнат со болни од ковид-19, медицинскиот кадар се ситни.
Филипче денеска потврди дека докторка инфектолог од Инфективната клиника си дала отказ и ќе оди да работи во приватна болница, а отказ најавила и шефицата на ковид-центарот во градската болница „8 Септември“.
Отказ поднеле и трите медицински сестри од Инфективна, кои министерот на состанок се обидуваше да ги убеди да се вратат на работа.
Филипче вели дека тешко е да се каже причината за одливот на кадарот. Смета дека дел од медицинските лица се преморени од борбата со ковид-19, а дел, како што вели, имаат свои причини.