Властите соопштија дека 228 луѓе останале без покрив над главата, а уште 338 се евакуирани од крајбрежните региони северно од Саун Пауло

Властите во бразилската држава Саун Пауло соопштија дека најмалку 36 лица загинале во големите поплави и лизгање на земјиштето.
Спасувачките тимови се борат да стигнат до преживеаните и да ги деблокираат патиштата.
„Тимовите за пребарување и спасување не успеваат да стигнат до неколку места, тоа е хаотична ситуација. Сè уште не сме ги процениле штетите. Се обидуваме да ги спасиме жртвите“,
рече Фелипе Аугусто, градоначалник на тешко погодениот град Саун Себастијао.
Десетици лица се водат како исчезнати во градот, а околу 50 куќи се урнати и однесени, додава тој, велејќи дека ситуацијата е критична.
Покраинската влада објави најмалку 35 смртни случаи во Саун Себастијао, а градоначалникот на Убатуба, на околу 80 километри североисточно, изјави дека една млада девојка е почината. Стотици се раселени и евакуирани.
Во меѓувреме, властите соопштија дека уште 228 луѓе останале без покрив над главата, а уште 338 се евакуирани од крајбрежните региони северно од Саун Пауло.
Саун Пауло прогласи вонредна состојба од 180 дена во шест градa во државата: Саун Себастијао, Карагуататуба, Илхабела, Убатуба, Гуаруја и Бертиога.
Пристаништето Сантос, најголемото во Латинска Америка, е затворено поради силни налети на ветер и бранови од повеќе од еден метар, јавија локалните медиуми. Спасувачките служби продолжуваат да трагаат по жртви, ги обновуваат врските меѓу изолираните заедници и ги расчистуваат патишта, иако некои сè уште се блокирани, па многу туристи не можат да дојдат на карневалот.
Претседателот Инасио Лула да Силва, кој го минуваше карневалскиот викенд во североисточната држава Баија, рече дека денеска ќе ги посети погодените области.
Во објава на Твитер, тој испрати сочувство до оние што ги загубија најблиските и вети дека ќе ги задолжи властите за да обезбедат здравствена заштита и спасувачки тимови.
Во областа се очекуваат пообилни врнежи од дожд, кои се закануваат да ги влошат условите за екипите за итни случаи.